Премиерот Заев најави бришење на долговите за струја настанати до 2006 година за 200.000 граѓани и семејства кои се заглавени во лавиринт со проблеми од извршители и блокирани сметки. На трибината „Силна економија – шанса за сите“ во Охрид, Заев соопшти дека веќе има прогрес во преговорите со ЕВН и ЕЛЕМ.
„Разгледавме ситуација за стари долгови за струја до 2006 година за 200.000 семејства и граѓани кои се заглавени во вакви лавиринти на извршители и блокирани сметки. Овие денови сме во длабоки преговори, волјата денеска можам слободно да ја соопштам, кога правно формално ќе го потпишеме договорот јавно ќе соопштиме. Но, волјата од Владата за преземање на своите дејствија е нотирана, и од ЕЛЕМ како партнер во производството на струјата е потврдена, и волјата на ЕВН како приватна компанија исто така е потврдена. Намерата е да избришеме долг на граѓаните од 110 милиони евра. Тоа се огромни пари и ќе биде големо олеснување за граѓаните. Сите мерки коишто ги спроведуваме се во насока на било кој начин да вбризгаме пари кај граѓаните“, порача премиерот Заев.