EUROSAI: Несоодветен буџет и без контрола врз мерките против загадувањето во Македонија

Facebook
Twitter
Email
Print

Владата не знае како точно и ефикасно да се бори против екстремно загадениот воздух. Предвидениот План е хаотичен, гломазен и вооошто не е добро организиран,а резултатот од ова ќе биде повторно загаден воздух. Ова го покажува најновиот извештај на Европската организација на врховни ревизорски студии EUROSAI.

 

Според извештајот, индустријата е најголемиот загадувач во Македонија, а потоа следува загадувањето предизвикано од загревањето на домаќинствата и помали фирми, додека автомобилите се оценети како средни загадувачи. Отпадот, земјоделието и останатите фактори се оценети како помали загадувачи.

 

Извештајот на ова меѓународно ревизорско тело, составено од 15 врховни ревизорски институции од Европа, заедно со Европскиот суд на ревизори, што го објави Државниот завод за ревизија се однесува на квалитетот на воздухот на Албанија, Бугарија, Естонија, Грузија, Унгарија, Израел, Косово, Молдавија, Полска, Романија, Словачка, Шпанија, Швајцарија, Македонија и Холандија.

 

Наодите од националните ревизии покажуваат дека владите на Албанија, Косово, Македонија, Романија и Шпанија целосно не имплементирале ниту национална стратегија, ниту национален план. Во случајот со Македонија, каде што не е соодветно имплементирана владината политика за квалитет на воздухот на национално или локално ниво, Извештајот на меѓународната ревизија заклучува дека Националниот план за заштита на амбиентниот воздух е комплексен и покрива различни области, но не постои систем за следење на спроведувањето на секоја мерка. Планот не содржи показатели за мерење на ефективноста на спроведување на политиката, што го отежнува следењето на мерките за постигнување на целите на владата и политиките за борба против загадувањето на воздухот.

 

„Беа формирани Интерсекторска работна група за квалитет на воздухот и Комисија за здравје и животна средина за да се подобри интерсекторската соработка, но координацијата помеѓу институциите е незадоволителна и не постои систем за следење на спроведувањето на секоја мерка. Инспекциите за животна средина се спроведуваат без никаква координација на централно и локално ниво“, се вели во извештајот.

 

За меѓународните ревизори буџетот на Македонија за спроведување на политиките за подобрување на квалитетот на воздухот е несоодветен. Според податоците на Државниот завод за статистика за периодот на ревизија, инвестицијата за подобрување на квалитетот на воздухот од државниот буџет е мал и претставува само 0,1% од БДП. Од планираното финансирање за годишната работна програма на државниот систем за автоматски мониторинг, одобрени се само 31-42%, што е недоволно за мерењето на загадувањето да се одвива непречено, прецизно и ефикасно.

 

„Како резултат на тоа, нема редовно одржување, не се купуваат резервни делови за мерните станици, не се набавуваат лабораториска опрема и хемиски реагенси, не се спроведува лабораториска акредитација ниту обука на персоналот. Фактот дека работната програма не е целосно финансирана ја поткопува континуираната работа на системот за мониторинг”, стои во извештајот.

 

Меѓународните ревизори и препорачуваат на Владата да ги ажурира сите релевантни законски и подзаконски акти заради целосна хармонизација на националното законодавство со Директивата на ЕУ за квалитет на амбиентниот воздух, да воспостави систем на размена на податоци, но и да наметне санкции на централно и локално ниво за непочитување на политиките кои се однесуваат на квалитетот на воздухот и на граничните вредности на одредени загадувачи на воздухот.

 

Меѓу препораките е и македонската Влада да обезбеди буџет за работа и одржување на сите мониторинг станици за квалитет на воздух и да предвиди буџет во планските документи, но и да ја подобри мрежата за следење на квалитетот на воздухот со соодветно преместување на станиците и нивно континуирано одржување, да формира централизиран систем за автоматизирано собирање и обработка на податоци, како и мерење во реално време и известување за квалитетот на воздухот.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи