Силниот звук кој синоќа предизвика паника кај луѓето околу трговскиот центар Мавровка кај скопски Битпазар во 1:30 часот по полноќ, всушност бил експлозија од граната испукана од рачен фрлач во едно од кафулињата. Жртви и повредени нема, а причинета е материјална штета.
„На 04.02.2019 околу 01.35 часот пријавено е дека во угостителски објект на бул. „Крсте Мисирков“ во Скопје, кој во тоа време не работел, бил испукан проектил од рачен фрлач. Повредени лица нема. Според пријавеното, оштетени се стакла од објектот, како и од околните дуќани. Извршен е увид и се работи на расчистување на случајот“, соопштија од МВР.
Дополнителни информации од МВР за јавноста не дадоа и остана нејасно дали е пукано од возило во движење и дали камерите во околината ќе покажат кој ноќеска со рачен фрлач пукаше во центарот на главниот град.