Новиот предлог-закон за тутун влегува во собраниска процедура. Со ова ново законско решение што беше усвоено на вчерашната владина седница, целосно се укинуваат евидентните листови или т.н „бели картони“ и тутунарите ќе склучуваат договори директно со откупните претпријатија.
„Станува збор за комплетно нов закон со којшто ќе се подигнат стандардите на квалитетот на тутунот, но исто така и на тутунопроизводителите како клучен фактор во целиот процес на тутунопреработката. Новото законско решение предвидува укинување на евидентните листови или т.н ‘бели картони’, процес кој ќе почне да се применува од 2020 година“, велат од надлежносто министерство.
Како што соопшти МЗШВ, новиот закон ќе овозможи транспарентност во врска со содржината на договорите. Тие ќе треба јавно да се објават најдоцна до 28 февруари тековната година на огласна табла во седиштето на откупувачот и на неговата веб страница.
Воедно, ќе се создаде можност за дополнително отворање откупни пунктови, како и други придобивки за подобрување на квалитетот на услугите и задоволството на тутунопроизводителите, откупувачите, производителите на тутунски и сродни производи, потрошувачите и бизнис-заедницата од работењето на тутунското стопанство.
Истовремено, овој закон предвидува усогласување со европските директиви и најдобри примери од ЕУ во контекст на прилагодување кон европските стандарди.