СДСМ се уште го нема дефинирано својот став дали да оди на предвремени избори. Дилемата е дали да се оди на нов мандат или да се фокусираат на евроинтеграциите и добивањето датум за пристапни преговори со ЕУ, изјави денеска премиерот Зоран Заев.
„Дилемата за тоа дали да се распишат предвремени парламентарни избори е помеѓу две опции – дали да се определиме за еден цел нов мандат што е привлечно за политичарите, за да можеме да испорачаме економски ефекти, ефекти на реформи и подобрување на севкупниот живот или да превагне интересот на државата наспроти партиите, а тоа е да не дадеме никаков изговор на земјите членки кои дел од нив генерално се против проширувањето, а Македонија чека позитивна одлука на самитот на ЕУ во јуни, каде верувам дека Евроспакат комисија која е на крајот на својот мандат сака да остави свое наследство. Македонија блеска во делот на политичкото решавање на билатералните отворена прашања и сме пример и за Европа и за целиот свет. Во делот на реформите сме комплетно успешни“, рече Заев
Тој додаде дека овие денови разговараат и со коалициските партнери, со политички партии кои се надвор од коалицијата, партии кои не се парламентарни, се консултираат со значајни здруженија на граѓани, прават анкети и анализи и во однос на изнаоѓање најдобриот кандидат за претседателските избори.
„Јас сакам да ја потенцирам потребата од свесност на нашето општество изразена преку политичките партии и да ги повикам сите да направиме една заедничка, одговорна анализа и да пронајдеме личност или личности зад кои би можеле да застанеме ние како политичари, нашите политички партии заради тоа што граѓаните застануваат зад нив. Ако најдеме такви личности тоа би бил вистински консензуален кандидат кој ќе ги имплементира политиките на ова модерно живеење, на 21. век со прогресот и просперитетот кој Македонија го има идополнително го очекува, тогаш вредно е да направиме напори да дадеме шанса да изнајдеме таква личност“, рече Заев.
Тој посочи дека нема да се кандидира затоа што има, вели, одговрност да го сработи тоа што е ветено.