Скандалозна распределба на пари во култура – отфрлени видни манифестации на сметка на анонимуси

Facebook
Twitter
Email
Print

Хаос во годишната програма на Министерството за култура која беше објавена денеска. Укинати се бројни музички манифестации како Скопскиот џез фестивал и „Оффест“, фестивали како „Таксират“ се со видно намален буџет, а анонимни лица и фирми ќе добијат огромни средства од буџетот за култура на сметка на вакви видни манифестации.

 

Скопскиот џез-фестивал и фестивалот „Оффест“ биле отфрлени на конкурсот, што значи дека под знак прашалник се доведува нивното одржување. Директорот на Скопје џез-фестивалот, Оливер Белопета, за „Макфакс“ изјави дека е во шок по објавата на Министерството за култура.

 

„Се шокирав ноќва. Тоа што неофицијално го дознавме како образложение за џез-фестивалот, кој е фестивал од највисок ранг во државава, апсолутно не држи. Се работи за некои лични интереси на еден човек во Комисијата за музичко-сценска дејност. Ние за почеток ќе се жалиме и ќе побараме изземање на комисијата. Место да се занимаваме со подготовка на програмата на фестивалите, ние сме принудени да правиме преписки за дилетантизмот во министерството“, изјави Белопета и  најави дека детално ќе разгледаат програмата и ќе излезат со официјален став.

 

Отфрлени биле и сите предложени проекти на „Авалон продукција“. Со реакција за скандалозниот конкурс се јави и сопственикот на „Авалон“, Бобан Милошески.

 

„Доволно е само да се погледнат рутите на турнеите на Lenny Kravitz, Sting и на Eros Ramazzotti и да се види дека Авалон Продукција наместо да ги одржи концертите во многу поголеми маркети какви што се Хрватска и Србија, го одбра Скопје. Исто како што проектот Ohrid Calling наместо да го префрлиме на море во Албанија, од петни жили се трудиме да го задржиме во Охрид. Со сето ова, сакавме да дадеме реален придонес во годината во која на Македонија и` се отвораат евроатлантските перспективи во сегментот на работа во којшто сакале тоа да признаат другите или не, ние како независна продукција сме најквалитетни и најпотентни во целиот регион. А кога е ресорното министерство во прашање, бевме сигурни дека ќе биде препознаено дека со овие проекти не само што даваме огромен придонес на неверојатно ниското ниво на култура во Република Македонија, туку и дека за прв пат со вакви четири сериозно големи проекти сме апсолутни регионални лидери. Не можам да кажам дека сум изненаден, туку едноставно сум шокиран како ова не е препознаено од Министерството за култура кое нема никаква друга работа, туку да препознава и да поддржува вакви идеи. За останатите чекори коишто ќе ги превземеме, ќе бидете благовремено известени кога ние ќе добиеме официјално известување како тоа на Министерството за култура смета дека на државата не и` се потребни концертите на Sting, Lenny Kravitz, Hooverphonic, Eros Ramazzotti, Tom Odell, Горан Бреговиќ, Ohrid Calling итн“, напиша Милошески на „Фејсбук“.

 

И сето ова е само во делот на музичко-сценската дејност, за што реагираат бројни и долгогодишни музичари и организатори на културни манифестации.

 

„За жал, она што се очекуваше со годинешниве резултати се случи! А се случува една голема попара таму и сето тоа како резултат на политичкиот пазар и ‘примопредавање’ на културната штафета на друг партиски субјект. Резултатите се некомплетни и повторно се отвораат прашања од типот ‘по кои критериуми се вреднувани проектите и учесниците’“, вели за „Макфакс“ музичарот Петар Младеновски, фронтмен на „Суперхикс“.

 

Тој вели дека на листите има тотални анонимуси „наградени“ со десетици илјади евра за нивните проекти, додека докажани манифестации, кои се одржувале со декади, се тотално исфрлени.

 

„Да не зборуваме дека она ‘култура за сите’ на терен не дава резултати. Еве конкретно од областа на рокенролот (па и останати урбани музички уметности) јас речиси и не гледам проекти. Тешко нам ако сакаме со вакви резултати да станеме културна престолнина. Селективна култура“, вели тој.

 

Колку за пример, најмногу пари годинава во овој сегмент има добиено Здружението „Артал“ од Тетово, вкупно 3,5 милиони денари или 56 илјади евра за фестивал „Меридианс“ и за концерт „Класик и рок мјузик“. Наспроти ова, скопскиот „Таксират“ добил само 500 илјади денари, иако барале 6 милиони. Исто толкава сума колку и „Таксират“ добило здружението „Елизиум“ со концерт со млади во Тетово.

 

 

За одржување на познатиот Џез-фестивал Куманово одобрени се само 200 илјади денари, а наспроти ова, Џез-фест Тетово добива 1,5 милиони денари.

 

Бројни се реакциите на социјалните мрежи и за останатите дејности, како за драмската и издавачката дејност, каде што пари од буџетот за култура се доделувани на анонимни лица, и тоа во повеќе наврати.

 

Учесниците на годишниот конкурс за проекти од национален интерес во културата за 2019 година имаат право на жалба, која не го одлага извршувањето.

 

Извор: Макфакс

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи