Ниту денар не оддели Министерството за култура годинава за оддржување на на единствениот македонски бренд од ваков тип фестивалот „Пеце Атанасовски“, кој веќе 45 години ги чува и негува народните инструменти и песни, а се одржува во Прилеп и Долнени. Организаторите велат дека ова е брука и срамота за државата, да дозволи да згасне еден ваков фестивал на кој настапуваат сите националности кои живеат во Македонија.
„Ние бараме средства, секоја година тие средства што ги бараме не ги добиваме. На тоа сме навикнати. Но дека ќе добиеме 0 денари, тоа вистина е срамно. Ако не добиеме пари, ние нема престанеме со фестивалот. Фестивалот ќе го одржиме. Со помош на пријатели фестивалот ќе го одржиме пред Министерството за култура во Скопје“, рече Златко Лашкоски, секретар на фестивалот „Пеце Атанасовски“.
На Фестивалот секоја година учествуваат и странски фолклорни групи, а во состав на фестивалот се одржува и единствениот бесплатен семинат во Македонија каде се изучуваат народните инструменти и песни.
„Неколку години се отвори за изворни народни инструменти, исто како во нашето училиште, по барањата од овој фестивал, бидејќи фестивалот ние го чувствуваме веќе како институција, а не да згасне. Големи се придобивките за да го задржим,е за да се задржат сите игри и инструменти од цела Македонија“, изјави Донка Бачанова, дел од организацијата на фестивалот.
Министерството не оддели ниту денар и за поголеми реновирања за зградата на театарот во Прилеп која се наоѓа во ужасна состојба. Од театарот велат дека наводно било договорено сиите сили и ресурси да се насочат кон изградба на нов театар. Но за жал никој не излегува со конкретен датум кога ќе се изгради тој нов објект кој политичариите го ветуваат веќе со години, буквално на секои избори.