Очајничкиот апел за азил кој беше одбиен од Македонија одекна во светот

Случајот со Хинд Алболуки од ОАЕ која побара азил во Македонија поради семејни насилство, и, како што тврди, страв за својата безбедност и живот, а доби негативен одговор од нашите служби стигна и до светските медиуми.

 

Британски Гардијан прашува како е можно постапката да биде завршена со екстремна брзина.

 

„Се чини дека случајот на Хинд Алболуки бил поминат низ системот за азил со невидена брзина, за властите да можат да го затворат случајот и да ја испратат дома. Таа нема криминално досие и не е дадена причина за нејзиното притворање, а не и биле дозволени ниту посети. Случајот е сомнителен од врвот до дното“, нагласува Уранија Пировска во нејзината изјава пренесена во Гардијан.

 

Рада Стирлинг од британската организација Дитејнд ин Дубаи, за Си-Ен-Ен вели дека доколку Алболуки се врати во Обединетите Арапски Емирати, „веројатно ќе биде тешко казнета за бегството“.

 

„Патријархалниот систем и неформалните машки правила за старателство над жената од кои Хинд бега се подеднакво изразени во Емиратите како и во Саудиска Арабија. Многумина мислат дека Емиратите се полиберални, позападно ориентирано општество. Обединетите Арапски Емирати напорно работат на изградба на таа претстава, но реалноста е драматично поинаква. Во Емиратите силуваните жени се спасени и обвинувани за секс надвор од брак, на жените им се забранува пристап до децата по разводот, а законите всушност им пропишуваат на жените да им бидат послушни на машките старатели“, вели Стирлинг.

 

Си-Ен-Ен пишува дека Стирлинг се сомнева дека Македонија не ѝ одобрува азил на Хинд Мохамед Алболуки бидејќи „ОАЕ со помош на разни инвестиции суптилно влијаат врз политиката на помалку богатите земји“.

 

Барањето за азил на Хинд Мохамад Алболуки (42) било одбиено на 4 февруари од Министерството за внатрешни работи на Македонија. Жената е сместена во прифатен центар уште од 7 декември минатата година, со што сега стравува дека ќе биде депортирана назад во ОАЕ. Барањето било одбиено бидејќи не постоеле докази за прогон, врз основа на нејзината раса, вера, националност или политичка припадност, според соопштението на МВР.

 

Хинд Алболуки тврди дека се соочува со закани од страна на нејзиното семејство само затоа што побарала развод од сопругот. Иако одлуката на МВР за одбивање на нејзиното барање за азил во земјава беше обжалена, Управниот и Вишиот суд одлучија да се одбие барањето. И покрај тоа што нашите институции во рекордно време одлучија околу судбината на Хинд, во моментов нивните одлуки се замрзнати од страна на Европскиот суд за човекови права.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.