Во моментов најболното прашање за сточарите е откупната цена на млекото која се движи од 16 до 22 денари за литар. Но, цена од 22 денари постигнувале само фармите со над 100 крави и што имаат подобри услови. А додека малите производители кои имаат од 1 до 10 крави добивале нерентабилна цена од 16 денари. Од 14.000 производители во Македонија 11.000 имале од 1 до 10 крави. За излез на проблемот фармерите бараат проширување на дополнителните субвенции по грло кои изнесуваат по 980 денари.
„Има извесна помош што дава дополнителни субвенции државата, меѓутоа помошта е за од 10 до 50 крави. Тоа треба да се намали, на пример од 2-3 крави до 10, за да можат тие да поминат во другата група, за да бидат рентабилни, затоа што тука е најголем бројот. Да имаат некој стимул за да ги зголемат своите стада и да имаат некое олеснување, на пример во Програмата за рурален развој да добијат исто така некои дополнителни средства, за да можат да имаат рентабилно производство и да ги зголемат своите стада. Цената на млекото под 18-20 денари не може да биде за да бидеме рентабилни“, рече Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијација на земјоделци.
Фармерите исто така бараат да не се плаќа индустриска струја на фармите, да се легализираат фармите и да не се чека на изработка на детални урбаниистичкии планови бидејќи не се знае кога истите ќе се изработат, а сега скоро за ниту едно село нема детален план. Се бара и намалување на ДДВ за лековите за говедата и ветеринарните услуги.
„До сега 18%, а бараме да биде тоа 5%, што на некој начин многу ќе го поефтини производството. Но исто да се направи и една контрола на цена на лековите, да се види по која цена се лековите во соседните земји, па да се направи средна цена и кај нас, затоа што ние сега сме принудени да шверцуваме лекови од Албанија и Бугарија, затоа што се со огромна разлика во цена“, додаде Шаклев.
Сточарите исто така бараат распишување на оглас за доделување на земјоделско земјиште и тоа да се доделува според бројот на говеда.
„Во Пелагонија конкретно најголемиот дел каде луѓето се занимаваат со сточарството, проблемот е земјиштето. Значи ние не можеме да кажеме за еден сточар, кој што одгледува 100 молзни крави, а располага со еден или два хектари земјиште. Значи ги знаеме стандардите, оние кои што ги има ЕУ, за едно грло ако е потребно 0.7 до 1 хектар површина, значи еден таков фармер би требало да има од 80 до 100 хектари површина“, кажа Стево Пивкоски, фармер.
Министерот Љупчо Николоски кој денеска се сретна со сточарите од прилепско рече дека се превземаат повеќе мерки за помош на сточарите. Останувало зголемувањето на субвенциите во говедарството во делот на развојната категорија, лани тоа било фиксно зголемување од 10%, а годинава имало промени. Се зголемувале и субвенциите во мерката за набавка на приплоден добиток.
„Но со измената која што оваа година ја правиме во оваа развојна категорија, правиме промена во бројот на говеда кој што опфаќа една развојна категорија, не од 5 до 20, туку од 10 до 50 говеда, односно опфаќаме еден поширок спектар на производители. Над 3.500 производители опфаќа оваа развојна програма. Се со цел да имаат зголемени субвенции, а со тоа и мотив да инвестираат, да го зголемат бројот на добитокот и да ги мотивираме да се развиваат на некој начин, а токму оваа развојна категорија го носи и развојот како на овој потсектор тука, така и на целокупниот сектор во сточарството и вкупно во земјоделството. Тука би ја потенцирал мерката за набавка на приплоден добиток, која што оваа година ја зголемуваме за неколку пати. Минатата година имавме предвидено околу 14 милиони денари, оваа година со Програмата за рурален развој која што веќе е донесена, оваа мерка за набавка на приплоден добиток, преку која што го обновуваме генетскиот потенцијал, ја зголемуваме продуктивноста, ја зголемуваме на над 90 милиони денари, односно 1.5 милиони евра се предвидени токму за оваа мерка, набавка на добиток“, изјави Љупчо Николоски, министер за земјоделство.
Николоски истакна дека тука била и ИПАРД програмата за која годиинава имало огромен интерес, односно 800 апликации, мерка која исто така ги опфаќала и фармерите. Се завршило и со проектот за ортофото снимање на државата после цели 10 години, а кое требало да се прави на 3 години.
„Вчера ги пуштивме во процедура измените на Законот за пасишта, со кој што воведуваме нови критериуми и правила во делот на доделувањето на пасишта, односно правиме разграничување во со и без јавен повик до 50 и над 50 хектари, низа на олеснувања кои стојат на располагање на сточарите, а паралелно работи работната група за дефинирање на новиот Закон за пасишта. За прв пат во 2018 година како што знаете беа распишани огласи за доделување на земјоделско земјиште за сточарите, каде што првенствено право на приоритет имаа сточарите, заради производство на добиточна храна. Имаше оглас за до 3 и над 3 хектари. Заклучивме заедно со сите чинители од секторот дека е потребно да го обновиме овој оглас, односно да понудиме нови површини. Тоа паралелно сега го работиме, ги дефинираме површините на територијата на цела држава, кои што повторно треба да бидат дадени на оглас. Се склучија договорите на овие први 2 повици“, додаде Николоски.
Од Министерството презентираа и други мерки и ветија дека ќе бидат разгледани и сите барања кои сточарите ги изнесоа на денешната средба.