Со заедничко писмо Македонија и Грција го информирале генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш за датумот на влегување на сила на Конечната Спогодба, со што се става крај на повеќедеценискиот билатерален спор меѓу двете земји, потврдија од Министерството за надворешни работи.
Според МНР, за промената на името и за новото уставно име на државата во најкус можен рок ќе бидат испратени вербални ноти до Секретаријатот на ООН, земјите-членки, земјите набљудувачи на ООН, како и сите останите меѓународни организации чија членка е Македонија. Овој процес веќе е во тек.
Новото уставно име Република Северна Македонија почна да се применува од синоќа, откако пристигна вербалната нота од Грција со која се потврдува дека е завршена ратификацијата на Договорот од Преспа и Пристапниот протокол за членство во НАТО.
Преговорите за името под покровителство на ОН се водеа од 1993, а Привремената спогодба беше потпишана 1995 кога специјален пратеник на ОН беше Сајрус Венс. Него го замени Метју Нимиц во 1999, и беше присутен на потпишувањето на Договорот од Преспа. Токму на денот на потпишувањето, 17 јуни, Нимиц го прослави 79. роденден.