Започна ставањето печати со новото име во пасошите при влез или излез од државава

Печат со новото име Република Северна Македонија почна да се става во пасошите при влез или излез од државата на граничните премини, согласно спроведувањето на обврските од Договорот од Преспа, потврдија за МИА од МВР.

 

Оваа мерка е дел од планот на Меѓуресорската работна група за извршување на обврските од Договорот од Преспа. МВР, согласно одлуката на Меѓуресорската група, се задолжува да ги преземе сите потребни мерки и активности за спроведување решение во преодниот период до создавање технички претпоставки за издавање нови патни исправи.

 

Издавање на новите пасоши треба да почне од крајот на 2019 година, а во преодниот период МВР при излез или влез на граничните премини во постојните или новоиздадените патни исправи ќе става печат, што ќе појасни дека патните исправи припаѓаат на Република Северна Македонија.

 

Откако Македонија и официјално ја доби грчката вербална нота дека е завршена ратификацијата на Преспанскиот договор и на Протоколот за членство во НАТО, владата во Скопје соопшти дека официјално почнува примената на новото уставно име Република Северна Македонија.

 

Замената на патните документи со новото име на државата ќе бидат на товар на граѓаните.

 

МВР веднаш треба да ја почне постапката за набавка на нови патни документи. Старите документи остануваат во важност до истекот на техничкиот рок утврден со Договорот од Преспа, а тоа се пет години. Ова значи дека секој граѓанин во рамки на редовната постапка кога ќе го менува пасошот, ќе го добие новиот и ќе ја плати цената која е редовна за замена на патните исправи.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.