Дали навистина сестрите, браќата, сватовите и децата на функционерите биле најдобрите можни кандидати за атрактивните работни позиции на кои биле назначени во државните институции и јавните претпријатија. Како што беше најавено на првата седница од новиот состав на Антикорупциската комисија, денес се отворија постапките за можното постоење на судир на интереси и непотизам при вработување.
Антикорупционерите на денешната седница го објавија списокот со 18 државно вработени роднини на пратеници и функционери, кои комисијата ги избрала пребарувајќи ги информациите што медиумите ги објавуваа во изминатите неколку дена. Претседателката вели дека комисијата во рок од 60 дена ќе донесе одлука што точно да се прави со овие луѓе. Тие додаваат дека листата не е конечна и списокот ќе биде надополнет во иднина.
На листата со спорните вработувања кои ќе се истражуваат, се најде и вработувањето на ќерката на Талат Џафери, Бесија Џафери која е вработена во ЕЛЕМ. За неа ќе одлучува нејзиниот тетин Нури Бајрами, како еден од членовите на Антикорупциската комисија.
Пред два дена, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски во интервју за Топ Тема на Телма, изјави дека премиерот Заев ќе ги повика сите инволвирани во овие сомнителни случаи да се повлечат од своите позиции, со цел да се прекине оваа практика што цела деценија е воспоставена во Македонија.
Само два дена пред изјавата за Топ Тема, министерот Манчевски даде една малку поинаква изјава:
„Денеска е чудно што било кој симпатизер на оваа власт се вработува и во јавни институции. 10 години на сите членови на СДСМ им беше забрането да се вработуваат во јавен и приватен сектор. Каде да одат овие луѓе, треба да ја напуштат државата. Сега има Антикорупциска комисија и сето она за што се смета дека е проблематично треба да се поднесе претставка и да се одлучува по неа“
Претседателката Билјана Ивановска, на првата седница, во одговор на новинарско прашање изјави дека иако до нив не се стигнати претставки за непотизам, тие ќе ја искористат можност која законот им ја отвара за сами да ги разгледаат случаите која ја разбрануваа јавноста во изминатите неколку денови. Констатирано беше дека вакви случаи има многу и комисијата ќе ја побара целата документација за сите вработувања кои предизвикаа сомнеж во јавноста, со цел да истражи дали станува збор за политичко влијание пр изборот на кандидати за работа во државни институции и јавни претпријатија, а по извршената анализа информациите ќе и бидат достапни на јавноста.