Шестмина се уште во критична состојба, на млада пациентка и се заканува ампутација на ногата

Facebook
Twitter
Email
Print

Десетмина од повредените во несреќата што се случи кога автобус излета на автопатот Скопје-Тетово се во тешка состојба, а шестмина се во критична, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче во изјава за медиумите.

 

„Двајца од повредените во автобуската несреќа коишто се хоспитализирани во болницата „8 Септември” имаат сериозни повреди на главата и се во критична здравствена состојба. Нивниот живот засега се одржува со апарати за дишење. И другите пациенти кои се во Одделот за интензивно лекување исто така се политрауматизирани и доминантни им се повредите на градниот кош и на стомакот“, рече Филипче.

 

Во болницата „8 Септември“, вкупно хоспитализирани се 28 пациенти од кои шест денеска ќе бидат пуштени на домашно лекување.

 

Тој потенцира дека во Клиничкиот центар се лекуваат осум пациенти од кои четворица се на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, по еден пациент има на клиниките за трауматологија, неврохирургија, торакална хирургија, а една бремена жена се лекува на Клиниката за гинекологија и е во добра општа состојба.

 

„Четворицата пациенти кои се сместени во КАРИЛ се во тешка состојба. Кај една млада пациентка на возраст од 20-тина години ќе се прави хирушка интервенција. Конзилиум сега се одлучува како ќе продолжи третманот на нејзината нога која е тешко повредена и згмечена и постои можност да и биде ампутирана. Останатите пациенти имаат повреди на локомоторниот систем, на градниот кош и на стомакот“, додаде Филипче.

 

Директорот на ГОБ „8 Септември“, Христијан Костов истакна дека двајцата пациенти кои беа пренесени од Одделот за интензивно лекување, 15-годишното момче и 40-годишниот пациент синоќа заради влошување на состојбата и губење на крв биле внесени во оперативниот протокол.

 

„Прво беше оперирано момчето, кое има повреда на црниот дроб и крварење на абдоменалната шуплина и сето тоа е санирано, а и кај другиот пациент со повреда на дел од тенкото црево беше извршена интервенција. Тие се во стабилна состојба и се во Одделот за реанимација“, рече Костов.

 

Во автобуската несреќа загинаа 14 патници, а повредени беа 37 други.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи