Постигната е согласност за заедничко одбележување на цар Самоил, Св. Климент и Св. Наум на дводневната средба на заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија што заврши синоќа во Скопје.
„По долги дебати, заедничката комисија постигна согласност да даде препорака до владите на двете држави дека постојат доволно елементи за заедничко одбележување на Св. Климент, Св. Наум, и цар Самоил, како мост за градење на меѓусебни пријателски односи, во духот на Договорот за пријателство и добрососедство“, стои во соопштението од Инститот за национална историја.
На средбата е разгледувана можноста за заедничко одбележување на некои историски личности кои се значајни и за двете држави, додека дискусијата за учебниците по историја беше одложена за следната средба.
Ова е четврта средба на заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, која е формирана согласно Договорот за добрососедство меѓу двете земји.