И покрај тоа што многу фактори влијаат и ги објаснуваат пропустите на владеењето на правото (и демократијата), автократскиот начин на управување со овие земји е најзначаен дел од проблемот. Балканските автократи и нивните политички партии немаат волја да ги променат недемократските практики што ги одржуваат на чело на државите и ја поддржуваат нивната речиси неограничена моќ, но нема ни доволен поттик за тоа.
Напорите и успесите на земјите од Западен Балкан во зајакнувањето на владеењето на правото и на Европската Унија во нивното охрабрување се крајно ограничени. И покрај низата на настани, па дури и документи на ниво на ЕУ во текот на 2018 година со цел да се ревитализира процесот на интеграција, крајот на годината повторно го дочекавме во апатично расположение, исто како и со години наназад.
Балканските водачи, како по правило, гледаат само поддршка во пораките на Европската унија, од аспект на интеграција на регионот и ги игнорираат црвените светла за екстремно лошата и алармантна состојба на демократијата и владеењето на правото, како што се оние од Стратегијата на Европската комисија од февруари 2018 година, што се однесува на поврзаноста на владата со организиран криминал и корупција на сите нивоа. Меѓутоа, ни самата комисија не е секогаш јасна и прецизна во праќањето пораки. Наместо да постави строги услови и да го зголеми притисокот врз политичарите од регионот, кои ги обвинува за заробеноста на државите, во согласност со проценките од гореспоменатите документи, официјалните претставници на ЕУ често користат фрази со кои се зајакнува позицијата на балканските автократи како „Црна Гора е потпора на ЕУ на Западниот Балкан“, по говорот на претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ во Европскиот парламент во октомври 2018 година.
Овој текст е дел од едно истражување на Советодавната група за јавна политика на Балканот во Европа BiEPAG (Balkans in Europe Policy Advisory Group) и студијата „Зајакнување на владеењето на правото во Западен Балкан: Повик за револуција против партикуларизмот“, објавено во јануари 2019 година, чии автори се Тена Прелец, Марко Кмезиќ и Јована Маровиќ.
Нема ефикасен мониторинг и јасни насоки
ЕУ не посветува внимание на подлабоките причини за лошата состојба владеењето на правото во регионот, ни во своите извештаи ниту во изјавите на нејзините официјални претставници. Дури и кога во извештаите или во јавните настапи се наоѓа флагрантен случај на кршење на човековите права, напади врз медиуми или злоупотреба на јавни ресурси, тоа не се проследува со дополнителни активности или мерки. Проценките дадени од Европската комисија во нивните извештаи, како годишните така и оние за состојбата поврзана со поглавјата 23 (правосудство и основни права) и 24 (правда, слобода и безбедност) се општи, критиките се недоволно строги и не даваат поттик ниту пак јасни насоки.
Понатаму, со самото тоа што стабилноста на регионот е ставена на прво место во споредба со сè останато, ЕУ потцени една важна лекција од процесот на интеграција и проширување: демократиите се најсигурни и најефикасни инструменти за решавање на проблемите поврзани со безбедноста и градењето на државата.
Покрај тоа, целиот збир на правила и барања, кои ЕУ ги има во голем број, се заснова на научените лекции од претходните бранови на приклучувања и реакциите на приоритетни и кризни ситуации во регионот, и како такви тие не се резултат на проактивен и системски пристап и обмисленост. ЕУ нема идеја како да ја поддржи консолидацијата на демократијата, а Комисијата нема овластување да интервенира во оваа област. Инструментите се ограничени и неделотворни дури и во земјите членки, како што се докажа со падот на демократијата, на пример, во Унгарија и Полска.
Што се однесува, пак, на земјите од Западен Балкан, еден од инструментите кои ЕУ ги има на располагање е клаузулата на баланс, според која може да го блокира натамошно отворање на поглавја од преговорите, ако ситуацијата во областите погодени од страна на владеењето на правото (23 и 24) е незадоволителна. Овој механизам е моќен на хартија, но во пракса никогаш не бил искористен. Покрај тоа, блокирање на преговорите (натамошно отворање на поглавјата од преговорите) не мора нужно да биде начин да се обезбеди напредок и да се забрзаат реформите.
Друг механизам со кој се отвораат оние поглавја, што се поврзани со владеењето на правото на почетокот на процесот на преговори, е нов и добар, но не е доволен ниту пак ефективен без ефикасен мониторинг и појасни упатства.
ЕУ потрошила значително повеќе време на „размислување“ како може да се реши назадувањето на владеењето на правото (како во својот двор, така и во Западен Балкан), наместо да спроведува конкретни активности со користење на постоечките инструменти (до нивно унапредување во праксата), задоволувајќи се со тој статус кво. Пристапот на Европската комисија кон зајакнување на владеењето на правото е целосно технократски. Досега, успесите на ЕУ се строго ограничени со измените на прописите. Унапредувањето на прописите не значи дека истите ќе се применуваат неселективно, ниту пак значи поквалитетни прописи или напредок во нивното спроведување. Исто така, во центарот на реформите постои логика на квантитет, а не на квалитет. Бројот на кривични пријави, обвиненија и обвинителни пресуди може да биде показател на интензитетот на активностите за спроведување на законите, но тој не дава јасна слика за тоа како да се спроведуваат реформите, дали законот е еднаков за сите, и не зема ни предвид дека институциите често „се градат“ покрај постоењето на конфликти на интереси или кршењето на законите.
Дополнително, информациите обезбедени од страна на државните органи на Европската комисија се гломазни, добиени се врз основа на мерки/активности кои не се ажурираат редовно, не ја прикажуваат фактичката состојба во клучните области на владеење на правото, подлежни се на различни толкувања, со статистика што може да доведе до лажни заклучоци и што е често неточна. Оваа форма на известување е одобрена од ЕУ.
Неделотворни инструменти
Потврдувајќи дека нејзиниот досегашен пристап бил ограничен со објавувањето на веќе споменатите стратегии за веродостојна перспектива и засилена (сопствена) ангажираност во овој дел на Европа, ЕУ обезбеди збир на инструменти со кои треба да се поттикне зајакнување на владеењето на правото во Западен Балкан. Освен фактот што овие инструменти не се сосема нови, нивната имплементација досега наиде на бројни проблеми, така што во иднина ЕК треба да појде од јасната врска меѓу нив, и тоа на следниов начин:
Редовното дефинирање на конкретни (под)мерки и приоритетни активности ќе ја пополни празнината што се создава во државите поради застарените акциони планови. Во исто време ќе се обезбеди подобра координација и забрзување на процесот, бидејќи властите во земјите од Западен Балкан не треба да подготвуваат нови планови за кои се потребни значителни ресурси.
Зајакнувањето на инструментите на Европската комисија треба да вклучи збир на стимулации (награди) и казни (санкции) со користење на прецизен јазик при идентификување на проблемите и посочување на бројните злоупотреби. Иницијативата на Одборот за надворешни работи на Европскиот парламент од февруари 2019 година за прекинување на претпристапната помош во случај на сериозни прекршувања на владеењето на правото може да биде важен чекор во таа насока. Таквите мерки треба да бидат придружени со подобрено следење, појасни оценки за состојбата на владеењето на правото и прецизни насоки дадени на ниво на ЕУ.
Накратко, ЕУ би требало:
- Побрзо и почесто да обезбедува корективни мерки;
- Да дефинира поконкретни мерки, истите редовно да ги ажурира и да ги подели на неколку под-критериуми;
- Да воспостави јасна врска помеѓу извештаите за експертските мисии, годишните извештаи на Европската комисија за состојбата во земјите и извештаи за тековната состојба во рамките на поглавјата 23 и 24;
- Детално да го мапира патот на реформите за секоја од земјите од Западен Балкан, врз основа на годишните приоритети во владеењето на правото;
- Да дефинира специфични и целно ориентирани мандати за експертските мисии;
- Да ги направи јавно достапни сите извештаи од експертските мисии;
- Известувањето да го направи поригорозно, обврзувачко и попрецизно;
- Да подготви извештаи за моменталната состојба на работите од поглавјата 23 и 24 за сите земји од Западен Балкан, без оглед на фазата на интеграција;
- Да ги дефинира приоритетите во однос на одредена временска рамка (приоритетите треба да бидат мерливи на годишно ниво);
- Да примени притисок во случај на злоупотреба и кршење на правата;
- Да обезбеди дополнителна поддршка на напорите на граѓанското општество во промовирањето на владеењето на правото.
Следејќи ги (унапредените) насоки од ЕУ, државните институции би требало:
- Да подготвуваат наративни извештаи за спроведување на активности за исполнување на критериумите во облик на преглед на клучните резултати и предизвици;
- Да спроведуваат детална анализа заснована на препораките на Комисијата, со цел да се дефинираат подетални и поконкретни активности;
- Да развијат нов формулар за известување за реформите во областа на владеењето на правото;
- Да ја унапредат транспарентноста на сите нивоа (вклучувајќи ги и процедурите за вработување) со цел да се воспостави јасна одговорност во случај на злоупотреби, но и да се осигури дека се избираат најдобрите кандидати и со цел да се обезбеди професионализам;
- Да ги прошират можностите за обука и да ги направат широко достапни (особено) на локално ниво.
Пишува д-р Јована Маровиќ (Jovana Marović)
(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тука)