Остануваат неколку месеци до јуни кога Европскиот совет треба да донесе одлука за почеток на пристапните преговори, немате многу време за губење, рече во денешното обраќање естонскиот европратеник Туне Келам, кој во земјава ја предводи делегацијата од седуммина пратеници од европскиот парламент, која има за цел да го оцени напредокот на земјата во европските реформи, како и подготвеноста за можни пристапни преговори.
„Има уште неколку месеци додека во јуни Европскот совет треба да одлучува за официјалниот почетокот на пристапните преговори со ЕУ. Тоа е желбата на поголемото мнозинство на македонскиот народ. Во тој правец, би сакал да потсетам дека сега е време за концентрирање на националните прашања, мислам дека нема време за губење со политичките разлики, бидејќи и актуелната власт и опозицијата се согласни околу европската персектива“, рече Келам.
Келам истакна дека иако земјава има напредок, сепак не е јасно дали ќе има едногласна одлука на Европскиот совет.
„Северна Македонија и вашите граѓани го заслужуваат почетокот на преговорите со ЕУ. Веќе имате постигнато многу да ги започнете преговорите. Иако во оваа фаза не е јасно дали ќе има едногласна одлука на Европскиот совет, ние работиме на тоа. Ваша задача е да го зајакнете националното единство, да ги продолжите реформите. Сега не е време да ги славите успесите кои се реално постигнати, туку да се фокусирате на активностите што се од суштинска важност за вашата земја. Нас ни е потребна Северна Македонија како членка на ЕУ“, порача Келам, кој е претседател на Комитететот за надворешни работи при Европскиот парламент.
Седумчлената Делегација на ЕП за време на дводневниот престој во земјата имаше средби во Владата, Собранието, со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор.