Прилеп е подготвен за 18-тото издание на меѓународниот карневал „Прочка 2019“. Годинава за учество на фестивалот биле пријавени над 600 учесници од Македонија и повеќе Балкански држави, Бугарија, Србија, Албанија, Црна Гора, Хрватска и Турција. Фестивалот започнува во петок со изложбата на традиционални маски изработени од учениците од основните училишта која ќе биде поставена во фоајето на Домот за култура Марко Цепенков. Во сабота е дефилето на детскиот карневал, а главната свеченост ќе се случи во недела со големо дефиле во центарот на градот.
„Нашиот карневал е посебен по тоа што на нашиот карневал во исто време ии на исто место се натпреваруваат и традиционална и модерна маска. Додека тоа кај другите карневали не е така. Другите карневали имаат само или модерна или традиционална маска. И затоа има посебно значење во самата ФЕКК Федерација“, истака Јана Јанеска Ристески, Општина Прилеп.
Фестивалот носи голем број посетители и туристи во Прилеп и го промовира градот во меѓународни рамки. Токму затоа пред 20-тина денови токму во Прилеп се формираше ФЕКК Македонија Здружение на карневалски градови од нашата држава со цел промоција на карневалите. Годинава фестиивалот ќе има една новина, а тоа е „Статуа фест“ и улична уметност во центарот на Прилеп.
„Ќе имаме еден нов дизајн, една нова содржина, а тоа е „Статуа Фест“ кој со уличната уметност ќе даде една нова димензија на годинешната „Прочка 2019“. Посетителите, учесниците и сите гости ќе уживаат во прекрасните поединечни и групни маски кои ќе продефилираат на булеварот и плоштадот „Методија Андонов Ченто“, рече Илија Јованоски, градоначалниик на Прилеп.
„Статуа фест“, значи уличните уметници ќе бидат поставени на плоштадот Методија Андонов – Ченто. Се работи за улични уметници кои ни доаѓаат од државите од Европа, кои ги работат овие перформанси на сите плоштади во светските метрополи. Позната улична уметност. Идејата за нејзина презентација потекнува уште од среден век, меѓутоа со оглед на новите потреби и изрази во уметноста, без разлика дали станува збор за драмска, ликовна или музичка уметност, уметниците и гледачите имаат потреба да излезат на самата улица и да презентираат што знаат. И ние токму тоа и го поддржуваме. Нашиот градоначалник ги следи потребите на младите, „Статуа фест“ и уметноста што ќе ја пружи е една одлика на младата генерација. Исто така ќе го збогатиме со „street-art“, или улична уметност која ќе ја работат нашите прилепски уметници и ќе се работи во делови од центарот на градот, кои ќе останат после тоа да ја красат нашата урбана средина“, вели Јанеска-Ристески.
Организатори на фестивалот се како и секоја година здружението Прилепскии Мечкари.
„Имаме огромна поддршка за оваа манифестација да ја направиме уште подобра, благодарение на соработката со градоначалникот и локалната самоуправа. Мислам дека оваа година ќе имаме еден од подобрите карневали“, истана Хилда Црнеска, здружение „Прилепски Мечкари“.
Вечерта во неделата во 21 часот ќе се одржи маскембал на кој ќе бидaт доделени наградите од овогодинешниот фестивал, a официјално манифестацијата завршува во понеделник со ручек и традиционален посен грав кој го приготвува организаторот на фестивалот здружението „Прилепски мечкари“.