Најдобра маска на карневалот „Прочка 2019“ – групната маска „Водици во Прилеп“ од здружението „Прочкари“

Со забава под маски во ресторанот „Ла Каса Гранде“ и доделување на дипломи и награди на најуспешните, заврши  18 –тото издание на карневалот  „Прочка 2019“. Градоначалникот Илија Јованоски  ги поздрави присутните и учесниците на карневалот, им честита на наградените и посака следната година бројката на учесници да биде поголем, а маските покреативни. Притоа. градоначалникот ја  врачи наградата за децата од здружението „Порака“, со кои беше отворено годинешното дефиле под маски.

 

Оценувачката комисија во состав: Габриела Николоска, Хилда Црнеска, Лилјана Неделкоска, Рубин Белчески и Благоја Атанасоски,  и оваа година ја имаа најтешката задача да ги изберат најдобрите маски, кои за време на двата фестивалски дена дефилираа низ центарот на Прилеп.

 

Награда за најдобра маска на детскиот карневал, кои влегуваат во категоријата  учесници до 14 години, доби  основното училиште „Блаже Конески“ со маската „Мадагаскар“. Првото место отиде во рацете на основците од  „Климент Охридски“ со маската „Пролеп и облачиња“, втора беше маската „Еколошка пролет“ од училиштето „Добре Јованоски“,  а третата награда им беше доделена на основците од „Кочо Рацин“ со „Роденденот на Штрумфета“.

 

Најдобра маска на карневалот „Прочка 2019“ беше групната маска „Водици во Прилеп“, на прилепското здружение „Прочкари“, во чија изведба учествуваа 30 членови на здружението.

 

„Како здружение на карневалот сме присутни од самите почетоци од 2006 година, ова ни е втора награда и во 2012 година исто таа добивме награда. Нјмногу ни значат дружењето и пријателствата. Благодарение на добрата организација на карневалот, ние имаме пријатели од Лесковац, Шабац, Корча и карневалите низ државава“, истакна Горан Ржаникоски, претседател на здружението „Прочкари“.

 

 

Награди се доделени и за најдобри современи и традиционални маски. Во категоријата најдобра традициона маска, првонаградена беше маската на учесниците од селото Куратица, второто место го освоија гостите од Турција, а третото е за Џаламарите од кавадаречки Сопот.

 

„Дружењето продолжи во Прилеп и пријателствотот што го стекнавме пред 6-7 години со прилепчани, би рекол дека прерасна во едно фамилијарно дружење. Денес можеби и очекувавме награда, бидејќи многу се спремавме, но најважно е дружењето“, рече Горан Ангелоски, претставник на здружението „Св. Василиј“, село Куратица, Охрид.

 

„Метаморфоза“ , групна маска на учесниците од Лесковац, Србија, на овогодинешното издание на карневалот, беше избрана за најдобра современа маска. Второто место е за учениците од средното  училиште „Ѓорче Петров“ со  „Пролетна забава“, а трето место им беше доделено на студиото за танц „Зодијак“ за маската „Малата сирена“ .

 

„Нам ова ни е 11 –та година како сме овде и трета или четврта награда, секогаш овде пријатно се чувствуваме. Се гледа еден напредок во организацијата на карневалот и се надевам дека ќе се видиме и наредната година. И ние имаме долга традиција на организирање на карневали помеѓу двете Светски војни и 14 современи карневали, но вие повеќе ја негувате традицијата и во секој случај и ние нешто научивме од вас“, рече Мирољуб Радивољевиќ,  менаџер на карневалот во Лесковац и член на FECC на Србија.

 

18 – тиот меѓународен карневал „Прочка 2019“, на кој имаше бројни посетители од земјава и соседството, започна во петокот кога беше отворена изложбата на маски, а завршува денес со  посен ручек во манастирот „Свети Ѓорѓија“.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи