Со дружење, забава и познатата посна тримирска трпеза Здружението на жени „Преродба“ од Прилеп, кое брои 80-тина членови, го одбележа денешниот ден Тримир, односно третиот ден од Велигденските пости. Според православната традиција, на почетокот на велигденските пости, оние христијани кои држат Тримир ниту јадат, ниту пијат од понеделник до среда, во средата одат на литургија каде се причестуваат, а потоа за прв пат после три дена конзумираат храна и вода. Денес малку мина го практикуваат тоа. Една од нив е Писана Ангелеска, член на здружението која држекла Тримир 2 години, а годинава прави пауза.
„Пред Прочка една недела не се јаде месо, само јајца, млеко, сирење, но месо не, до неделата вечерта до Прочка. Од Прочка после не јадам ништо, понеделникот цел ден, вторникот цел ден, средата наутро одам в црква, се слуша литургијата и после попот дава сребрена вода со лажица наместо причесна. Причесната, ако постиш понатаму, се дава на тодорова сабота. Треба постиш и душевно и да не јадеш, плус тие денови додека постиш не треба да мислиш зло, да фаќаш кавда, да се расправаш, на секој треба добро да му мислиш, за добро да ти се врати“, рече Писана Ангелеска, член на здружение „Преродба“.
Членките на здружението „Преродба“ истакнаа дека Тримир според традицијата во Прилеп бил празник на верените девојки и утре се одело кај нивните мајки на гости. Поради тоа пак што тие го издржале Тримирот мајките им спремале богата посна трпеза, посна сарма, грав, зелник, кравјче, баклава, а на овој ден се пие исто така според традицијата во Прилеп и боза.
„Овој ден е посебен ден за жените, за невестите, за мајките, за свекрвите, за сите. Традицијата си продолжува од генерација во генерација. Се спрема, некој си држи Тримир, Тримирот се држи три дена. Во средата се оди в црква, попот дава благослов, крстена вода, нафора и после невестите кои држат Тримир си одат кај мајките. Се продолжува да се пости до крајот на постите, до Великден. Тримирот е испостување, прво треба духовно да си спремен за да постиш, потоа исхраната. Исхраната и таа е важна, но духовното постење е многу подруго“, вели Љубица Трајкоска, член на здружение „Преродба“.
„Младите невести обично одат кај мајките, а мајката како награда за тоа што го издржала Тримирот и спрема посна трпеза, како зелник, грав, сарма, пченица, овошје, а за да биде поголема свеченоста, мајката ја поканува свекрвата, а свекрвата со придружба на неколку жени оди во домот на невестата, а таа ја носи бозата, кравајчето и баклавата. После убава трпеза, оди весела дружба“, изјави Цвета Рунеска, член на здружение „Преродба“.
Во Припеп за Тримир се подготвува и еден посебен специјалитет кој го нема на ниту едно друго место, а тоа е пченица со конопни зрна, еден навистина вкусен и уникатен рецепт.
„Кога бевме деца мајка ми ја правеше, ќе ја накисни од вечер пченицата, ќе стои во вода, утрото ја цеди и ја толчи во камен со железо. После се става во тепсии и се суши. Откако ќе се исуши ќе ја фрли лушпата, ќе ја издува и ќе ја стави да се вари. Конопните зрна и тие се толчат, се цедат со 3-4 води, додека да излези бело, а не смее со топла вода. Ако ја попариш ова ќе биде модро, а сега е како млеко. Сега сме брзи, пченицата е убава, ја вариме, конопните зрна ги толчиме, ги цедиме и повелете пробајте“, истакна Менче Пеоска, член на здружение „Преродба“.
Специјалитет – Пченица со конопни зрна
Годинава тримирската трпеза членките на здружението „Преродба“ ја направиле помалку богата, затоа што останатите пари ги донирале на семејството на бранителот Драган Спасески за кого Сител телевизија во јануари направи сторија за мизерните услови во кои живее и неговата тешка здравствена состојба.
„Годинава нашето здружение Преродба одлучи трпезата тримирска да биде поскромна, со таа цел што ние одлучивме да донираме пари на семејството на Драган Спасески, на кого вчера му беше ампутирана ногата. На минатиот состанок се собраа пари, денес после овој настан ќе се донира и храна, како што се направи и минатата недела. Однесовме храна за можат луѓето да поминат. Таму беа дел од нашите членки што го водат хуманитарниот оддел, си дојдоа доста разочарани и затоа по предлог наш заеднички, сите сме хуманитарни овде и затоа се збираме за колку можеме да помогнеме на таквите семејства, одлучивме да помогнеме, барем дел да можат сами да си купат, што им треба, што сакаат да каснат или да се напијат, а многу им треба“, рече Лиле Ацеска, член на здружение „Преродба“.
А како и секоја седенка со вкусна храна на крајот дружбата на здружението „Преродба“ заврши и со традиционални македонски песни.