Шара секојдневно се нагрдува со градби, а во тек е постапка за прогласување за Национален парк

Facebook
Twitter
Email
Print

И покрај најавите на министерството за животна средина, Шар Планина и оваа година нема да биде прогласена за Национален парк. Ќе мора да се почека до наредната, 2020 година бидејќи сè уште трае процесот на изготвување на Студијата за валоризација на овој планински масив.

 

Од Агенцијата на обединетите нации за животна средина, велат дека во тек е втората фаза од изработката на студијата за валоризација на природните вредности на Шара и се очекува таа да биде готова и презентирана на засегнатите страни дури на крајот на 2019 година. Засега се завршени теренските истражувања, следи дефинирање на границите на националниот парк, во кое ќе бидат вклучени општините и месното население од Теарце, Тетово, Боговиње, Врапчиште и Гостивар, но и граѓанските организации како Македонското здружение на екологисти МЕД и два института – Институтот за екологија на Тетовскиот Универзитет и Институтот за биологија на УКИМ.

 

Во меѓувреме додека Шара чека некој да ја заштити, на овој природен предел владее невидено безаконие, со дивоградби, дива сеча на шума и слично, предупредуваат планинарите и екологистите.

 

„Приказната за прогласувањето на Шар Планина за Национален парк ја слушаме уште од 1996 година и мислам дека и овој пат нема да ја прогласат, се додека не се завршат сите инфраструктурни проекти кои им се во план – мали хидроелектрани, хотели, цели викенд-населби“, вели Александра Бујароска од невладината „Фронт 21/42“.

 

Таа додава дека тие го следат градењето мали хидроцентрали, кои ги сметаат за еколошки исклучително штетни проекти.

 

„Изградениот каскаден систем на трите мали хидроцентрали на реката Бистрица веќе направија огромна штета, а водата и е комплетно одземена на реката“, тврди Бујароска, напомнувајќи дека Министерството за економија во јануари годинава објавило повик за уште најмалку шест или седум хидроцентрали во пределот на Шар планина.

 

Прогласувањето на Шар Планина за национален парк е наложено и од страна на Европската Унија, која како услов за влез има наложено 12% од вкупната територија на земјата да биде заштитена и прогласена за Национален парк, што Шара ја прави идеална.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи