Објавен повикот за формирање ЛАГ-ови

Facebook
Twitter
Email
Print

Објавен е јавен повик за поддршка на воспоставување локални акциски групи (ЛАГ-ови) и креирање стратегии за локален развој на руралните средини.

 

Како што соопштија денска министерот за земјоделство Љупчо Николовски и директорот на Платежната агенција Николче Бабовски, поддршката е проектирана на вкупно 14 милиони денари, а корисници можат да бидат само локалните акциски групи. Притоа, за секоја се планирани по максимум 800.000 денари.

 

Средствата се за обезбедување соодветна инфраструктура, објекти, простории и опрема за работа, реализирање проекти, поддршка на рурални бизниси и рурален туризам, културни манифестации и настани, односно за се што е во интерес за заедницата.

 

„Повикот ќе трае 30 дена, а поддршката изнесува 100 проценти и се исплаќа по завршување на инвестициите или активностите. Корисниците треба да обезбедат 40 отсто аванс од трошоците“, истакна Николовски на прес-конференција во Министерството.

 

Според Бабовски, услов за користење на поддршката е сите инвестиции и активности да бидат согласно законот за јавни набавки.

 

„Неопходно е и потпишување договор со Платежната агенција пред да почне реализирањето на планираната и одобрена инвестиција“, подвлече директорот.

 

Локалните акциски групи се јавни-приватни партнерства во кои се вклучени земјоделци, локални жители, невладини организации, општини,… Во земјава може да се формираат максимум 25. Засега се активни 14 и тие лани ги добија решенијата за регистрација. Во рамки на ЛАГ-овите, жителите на општината сами одлучуваат што им е приоритет: пат, улица, школо, игралиште, објект за подобрување на руралниот туризам,…

 

„Ова е првпат да се обезбеди и да се стимулира формирањето локални акциски групи. Во претходните 10 години тоа беше декларативна заложба за која само се зборуваше. Немаше ниту програма, ниту правилници, ниту каков било конкретен чекор во оваа насока“, истакна Николовски.

 

Ресен и Охрид се меѓу општините кои се уште немаат локални акциски групи.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи