Поранешниот градоначалник на Карпош и претседател на ГРОМ Стевчо Јакимовски утрово е уапсен. Се товари за злоупотреба на службената положба во новата истрага на Основното јавно обвинителство. Тој утринава е приведен и изнесен пред судија на претходна постапка. Обвинителството бара притвор за него и за уште двајца вработени во општинската администрација.
Освен тројцата приведени, уште шестмина осомничените денеска треба да се појават на распит. Според неофицијални информации се работи за бизнисмени од градежниот сектор, за кои се се побарани мерки на претпазливост, односно да им бидат одземени пасошите и да се јавуваат еднаш неделно во судот.
Според првичните сознанија Јакимовски и осомничените се товарат за легализација на државно земјиште, кое подоцна било откупено по драстично пониска цена. Првичната оценка на одделот за организиран криминал е дека со злоупотреба на положбата се проневерени еден милион евра, а тоа е разликата меѓу реалната цена и продажбата преку процесот на легализација.
Јакимовски беше приведен и лани летото во истрага на финансиската полиција поради сомненија за злоупотреба на службена должност во времето додека бил градоначалник на Карпош, а му беа определени мерки на претпазливост односно одземање на пасош.
Инаку, тој е осомничен и во истрагата „Хармонија“ на СЈО, заедно со Никола Груевски и Миле Јанакиески.