Сите ќе умрете, некој сега, некој после. Никој не живее вечно. Ова е една од најпознатите реплики на претставата „Викенд на мртовци“ со која вчера училиштето за театар „Чин 4 Сцена 5 од Прилеп одбележа 12 години од своето постоење. Таа е работена по текстот на мајсторот на комедијата, Миле Поповски, а режијата е на Саша Нацевски. Прилепчани покажаа огромна заинтересираност за оваа претстава. Досега освен премиерата продадени се и 4 репризи, а предвидено е претставата да биде поставена вкупно 10 пати во големата сала на Домот за култура „Марко Цепенков“ или неа да ја посетат над 6.000 луѓе во наредните неколку денови.
„Самата претстава, како што знаат повеќето прилепчани говори за тоа како живите од едно семејство се справуваат со смртта на еден нивни член, но тоа е преставено на еден сатиричен и ироничен начин, од кој што на крајот произлегува една доста комична претстава која што сигурен сум дека нема прилепчанец кој не ја знае. Токму и тоа нас од една страна ни беше предизвик, од друга страна ни беше голем терет, а тоа да се обидеме колку можеме повеќе да избегаме од она што е филм во режија на познатиот Коле Ангеловски, кој што сите го знаат, бидејќи има доста различни работи кои ги има во драмскиот текст, кој ние го зедовме, во однос на филмот, и тоа ни беше најголемиот предизвик“, вели Саша Нацевски, режисер.
Претставата има хуманитарен карактер, собраните средства планирано е да бидат донирани на 3 институции.
„Прво ќе инсталираме лифт за хендикепирани лица во Центарот за култура „Марко Цепенков“ за пристап во големата сала, потоа во дневниот центар за деца и лица со посебни потреба „Ѕуница“ ќе промениме дограма и на крај во ОУ „Климент Охридски“ ќе набавиме 4 компјутери за потребите на посебните паралелки“, додаде Нацевски.
На премиерата публиката се смееше до солзи на познатите реплики од претставата кои го искажуваат прилепскиот мајтап на доста оригинален начин.
Интересно е да се напомене тоа дека во оваа претстава покрај актуелните членови на театар „Чин 4 сцена 5“, играат и т.н. ветерани, а тоа се некогашните членови кои што членувале во театар „Чин 4 сцена 5“ пред 5-6 па можеби и 10 години. Љубовта која ја чувствуваат кон театарот и желбата да се помогне е она што ја мотивирало повторно да собере целата екипа.
Позитивната и весела атмосфера се чувствуваше и пред самата претстава на прес конференцијата.
„Чувството на 28 години да бидеш ветеран е убаво, благодарам за поканата. Ме поканивте да играм пак, се чувствувам како дел од едно семејство, се чувствуваме сите како едно семејство. Немам играно добри 7-8 години и веднаш ја прифатив поканата кога разбрав дека е и од хуманитарен карактер. Одделив многу време од се, само да се помогне. Паралелата е иста, штиците се исти, женет човек, дете, приватниот живот го оставаме на страна. Сцената е таа, штиците се исти, не е ништо променето, енергијата што ја имаме ние како млади ја имаат и дечките помлади, сега постар сум, ветеран“, рече Христијан Коруноски, „Чин 4 Сцена 5“.
Младите членови на „Чин 4 Сцена 5“ велат дека претставата ја подготвувале 2 месеци, а заедничката соработка со постарите членови им донесла ново големо искуство.
„Викенд на мртовци е драмски текст кој верувам дека дефинитивно треба одновно и одново да биде поставуван пред публиката и верувам дека ние добро си ја одработивме својата работа и дека публиката ќе бара се повеќе и повеќе изведби, дека ќе сака да ја гледа нашата претстава“, вели Леона Митревска, „Чин 4 Сцена 5“.
„Претставата ја спремаме веќе добри 2 месеци и упатувам еден апел до сите прилепчани да купат карта, да ја гледаат претставата, бидејќи кај нас пред се треба да постои тоа чувство на хуманитарност. Претставата додека ја спремавме сите пренесовме едно добро искуство, големите нас и ние на големите“, кажа Марко Ѓорески, „Чин 4 Сцена 5“.
Претставите започнаа од вчара и ќе траат во наредните 10 дена.