Локалната самоуправа во соработка со ЈП „Комуна“, СОУ „Наум Наумовски Борче“, ООУ „Никола Карев“ и граѓани волонтери ја спроведија акцијата за чистење на неколку локации во Крушево со што се опфатија на прометните делови од градот.
Заедно со службите на ЈП „Комуна“ децата од училиштата и претставници од наведените институции опфатија неколку дела од градот кои беа исчистени.
Првата група работеше на влезот на градот кон хотел Монтана Палас, по регионалниот пат кон Демир Хисар. Друга група исто така работеше кон хотелот но опфаќајќи центарот на градот, по главната сообраќајница и улицата која води кон хотелската зона. Овие две групи беа составени од учениците од ООУ „Никола Карев“, вработени во општина Крушево, вработени во „Комуна“, граѓани волонтери, заедно со градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски и директорот на ЈП „Комуна“.
Третата група, составена од учениците од СОУ „Наум Наумовски Борче“, професорите од средното училиште ја опфатија месноста „Гумење“, односно детското игралиште, просторот околу Музејот на НОВ, патот на поранешното корзо и игралиштата со нивната околина.
Службите на ЈП „Комуна“, како четврта група, работеа во центарот на градот.
Градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски порача дека на овој начин правиме многу за да го решиме проблемот со јавната хигиена и ја подигаме јавната свест.
„Оваа акција ја спроведовме со најмладите за да ја подигнеме свеста за важноста од чиста и здрава животна средина. Исто така, со активирање на повеќе засегнати страни, меѓу кои и комуналното претпријатие надлежно за ова сфера, практикуваме еден заеднички пристап со граѓаните во решавањето на проблемот. Крушево мора да биде чисто, затоа што тоа е еден од главните предуслови за еден туристички град како Крушево.“, изјави градоначалникот Христоски.