Започна реализација на проектите „Call Center“ и „Фолклорно здружение“ на НСГНРМ

Национален Сојуз на глуви и наглуви на Македонија (НСГНРМ) започна со реализација на проектите „Call Center“ и „Фолклорно здружение“. Целта е социјализирање на глувите и наглувите лица во социјалниот и културниот живот, а во план е реализацијата на уште два нови проекта. Проектите се одобрени и фининасирани од Министерството за труд и социјална политика.

 

„Проектот „Call Center“ од неодамна започна со реализација. Тој е од голема важност и значење за решавање на проблемите со комуникацијата, главниот проблем што го имаат глувите и наглуви лица во државата. Со овој проект ќе се надмине долгогодишната бариера што ја имаат глувите лица во комуникацијата, и ќе се надмине комуникација на глувото лице со одреден субјект како на пример, болница, аптека, полициска станица, банка, пошта или која било друга институција“, рече генералниот секретар Лиза Велкоска.

 

Посочи дека за потребите на овој проект се ангажирани двајца толкувачи на знаковен јазик кои ќе бидат достапни за глувите лица во државата, во смени, од 8 до 18 часот, од понеделник до петок, набавени се два лап топи за толкувачите на знаковен јазик и апликацијата за глувите лица.

 

„Вториот проект, „Фолклорно здружение“ веќе започна со работа. Се надевам дека до крајот на годината ќе се реализира настап каде ќе може јавноста да види неколку кореографии на глуви и наглуви лица. До сега се имаат пријавено над 30 глуви и наглуви лица во целата држава од секоја возраст и веќе почнавме со проби. Имаме во план и во иднина да реализираме уште најмалку два проекта, едниот проект би бил картичка за секое глуво и наглуво лице по примерот на Општина Карпош, вториот проект е интернет телевизија за глуви, за овој проект е потребно повеќе време. За прв пат Сојузот почнува работа каде на поинаков начин директно се дава одговор на потребите на глуви и наглуви“, појасни Велкоска.

 

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска посочи дека со години исти активности се финансирале од страна на државата, но малку давале ефект врз квалитетот на живеење на оние лица кои што се во потреба.

 

„Предизвикот што го поставивме пред Сојузите беше дека ние ќе ги зголемиме финансиските средства, но тие да понудат програми и развојни концепти што ќе го подобрат секојдневното функционирање на глувите, наглуви, лица со телесна инвалидност, лица со интелектуална попреченост. Ме радува што Сојузот го прифати тој предизвик. Годинава, преку нивната програма, што е финансирана преку игрите на среќа и преку МТСП, директно развиваме услуга што значително ќе ја поевтини услугата толкувач во државата и ќе го олесни пристапот за толкување за глувите и наглувите лица за да можат тие секој ден полесно ќе функционираат“, истакна Царовска.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien