Дискриминација, немање можност за вработување и немање на лекови на позитивната листа кои се неопходни за живот. Ова се само дел од огромниот број на проблеми со кои се соочуваат околу 25.000 лица со епилепсија во Македонија. Во Општина Прилеп нивниот број се движи околу 3.000. Од здружението „Епилепсија Македонија“ од овој град кои постојат 6 години и ги едуцираат граѓаните велат дека свеста за ова болест и после толку време е многу ниска. Голем дел од овие лица исто така живеат доста сиромашно.
„Лицата со епилепсија имаат потешкотии да најдат вработување во нашата држава, исто така работодавачите се плашат да ги вработат нив поради тоа што ги сметаат како лица со инвалидитет и што е уште поголем проблем општетсвото не е доволно запознаено со тоа што е епилепсија. Се уште состојбата скоро и да не е променета во општеството и лицата со епилепсија се соочувата со големи проблеми на дискриминација“, рече Илија Биноски, волонтер во здружение „Епилепсија Македонија“.
Друг проблем со кој се соочуваат се лековите кои се доста скапи а ги нема на позитивна листа. Бараат државата итно да ги сослушна нивните барања.
„Тие лекарства често не се на позитивната листа или се премногу скапи така што одредени лица кои што ја имаат оваа невролошка нарушеност можат да ги снабдат од странство, но голем дел исто така се соочуваат со тој проблем што не можат да си дозволат бидејќи се многу скапи. Затоа сакаме да го потенцираме овој проблем и да упатиме еден апел до државата и министерството за здравство да помогне при снабдување со овие лекови и да се овозможи да ги користат бидејќи тие им се повеќе од потребни“, истакна Симона Апостолоска, волонтер во здружение „Епилепсија Македонија“.
Денеска во Прилеп на градскиот плоштад по 5-ти пат се одбележа Светскиот ден за поддршка на на лицата со епилепсија. Се делеа флаери, а членовите на „Епилепсија Македонија“ ги запознаваа граѓаните за тоа што е епилепсијата. Настанот го поддржа и Општина Прилеп.
„Треба да се едуцираат и граѓаните кои во текот на секојдневното живеење и работење треба ако се најдат во некоја ситуација и да им помогнат на овие луѓе. Затоа што не треба ниту во еден момент да се почувствуваат поинакви од сите останати граѓани во Македонија“, кажа Илија Јоваоски, градоначалник на Прилеп.
Светскиот ден за лицата со епилепсија е основан во 2008 година, а уште се вика и Виолетов ден бидејќи виолетовата боја е боја на епилепсијата и боја која се поврзува со чувството на осаменост, кое кај овие лица се јавува поради стигматизацијата и дискриминацијата во општеството.