ВИДЕО – Заев : Мора да продолжиме да се движиме по патот кој е трасиран, Пендаровски е вистинскиот човек за претседател

Не смееме да застанеме тука, патот е веќе трасиран и мора сега да се оди по него, сега се зависи од нас. И должиме на С. Македонија да оди напред која направи кватен чекор. Нема одење напред со пречките кои ги имавме со Бугарија и Грција и со поделбите кои ги имавме внатре. Единството ја прави силата, а исто и храбрите одлуки. Затоа Стево Пендаровски ќе биде претседател на сите граѓани. Ова вечерва на трибината во Прилеп го истакна лидерот на СДСМ Зоран Заев кој ја обвини опозицијата дека воопшто нема став за ништо, а со нејзината политика може само да и нанесе штета на државата.

 

 

„Не смееме овде да застанеме, затоа што тој пат е трасиран и само по тој пат вреди да одиме и да се движиме. Затоа, нема многу алтернатива во изборот на овие избори, затоа што од другата страна нема ништо. Празна слама, нема ставови, нема понуда, има само назад, има нови поделби, има нови кавги, има теории дали ќе се поништи договорот или не, никој не кажува како без НАТО и без ЕУ, а сите сме во државата за НАТО и ЕУ. Никој не кажува како економија без НАТО и без ЕУ, како младите ќе ги задржиме овде без НАТО и без ЕУ. Почитувани граѓани не сме веќе млада држава, самостојноста на државата оваа година ќе ја обележиме со 28 години и апсолутно многу работи зависат само од нас. Помина времето на политиканство и политики, време е за одлуки“, истакна Заев.

 

Заев нагласи дека Македонија до декември може да се добие ратификација на договорот со НАТО. А наскоро ќе се отворело и поглавје со ЕУ, а со тоа и Фондови за поддршка на земјата. Истакна дека Пендаровски бил победник и во 2014 година, но тогашниот режим му ја зел победата.

 

„На овие избори имаме едноставен избор, имаме човек кој што создаден за претседател. 2014 режимот, закани и уцените го земаа неговиот мандат. Тоа го знаеме сите, тој беше победникот на тие избори. Но живеевме и работевме во режим, кога луѓето се плашеа за својот живот, да не зборуваме за својата плата, да не зборуваме за својата слобода и слично. Имаме човек кој што е едуциран да биде претседател на државата, универзитетски професор, меѓународното право го владее, човек кој што беше со Борис Трајковски, со многу други претседатели досега. Човек кој што буквално созреваше за да денеска биде идниот, 5-ти претседател на Република Северна Македонија. Стево Пендаровски е претседател на сите граѓани, човек кој што не ги дели граѓаните по ниеден основ, човек за кој што се исти Македонците, Бошњаците, Власите, Србите, Албанците, Турците, Ромите и Египќаните, сите, сите заедно во оваа држава, заедно гледа на сите. Затоа никогаш не влезе во СДСМ, а беше рамо до рамо, и со нас и со граѓаните. Од друга страна имаме луѓе што не кажуваат што ќе прават со договорот со Грција, тешко им е да кажат, немаат став. Не кажуваат ни дали ќе го поништат, ни дали ќе го поддржат. Тоа знаеме сите што значи, нема назад од овој договор. Договорот е фер за двете страни, договорот ни донесе пријател. Не може да нема став, ниту понуда, ни Мицкоски, ни Силјановска, ова е недозволиво, се работи за претседател на нашата земја, не е било која позиција. Конечно утре ќе го имаме првиот премиер на Грција во официјална посета на Република Северна Македонија и Скопје. 28 години независност правиме, соседна земја. Доаѓа со 200 бизнисмени, мултимилијардери се повеќето од нив. Со озарени очи инвестиции да има, работни места да се отворат, соработка да градиме, да го дигаме стандардот овде, горат од желба пријателство да покажат. Конечно добивме пријатели“, додаде Заев.

 

Заев рече дека сега С. Македониија била земја признаена од сите, ние сме биле Македонци кои зборуваат македонски јазик и тоа никој повеќе немало да го оспорува во светот. Се пофали и тоа дека имало значаен развој на економијата во Македонија, пад на невработеноста под 20% и просечна плата од 25.000 денари.

 

„Затоа е важна и одговорноста на граѓаните. Јас сум убеден дека сите заедно, на еден достоинствен начин, на кристално чисти избори, на фер и демократски, како што личи за избор на првиот човек на државата. Ќе истуркаме избори кои ќе бидат и наша гордост околу фер и демократичноста, но и околу конечниот резултат. Јас знам дека оваа наша земја ќе успее, затоа што си го знам народот, затоа што знам дека кога му било тешко, бил исправен и горд и чекорел напред. И знам дека оваа шанса нема да ја пропушти. Ние сме тука, вие не охрабрувате и ќе водиме. Јас знам колку ни беше потребен претседател за сите овие детали во договарањето и во градењето на концептот „едно општество за сите“, и во заокружувањето на Рамковниот договор. Знам колку на една влада, на еден премиер, на секој министер, на секој граѓанин, му треба претседател. Лесно е да бидеш самокритичен, прашање е дали имаш храброст да чекориш и да носиш одлуки, без разлика на се, знаејќи дека за државата се работи. Тоа и треба на нашата земја, и го имате почитувани граѓани. Еве го, едноставен, обичен, од народот, за народот, нашиот пријател и другар Стево Пендаровски“, истакна Заев.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи