Грчкото воено воздухопловство ќе го чува македонското небо

Еден од документите кои биле потпишани меѓу Владата на Република Северна Македонија и владината делегација предводена од грчкиот премиер, Алексис Ципрас, бил меморандумот кој предвидува грчката авијација да го покрива небото над Македонија. Како што рекоа двајцата премиери на денешната прес конференција, ова би ја зголемило безбедноста и соработката.

 

Ципрас при тоа додаде дека оваа услуга од страна на Грција ќе биде целосно бесплатна.

„Надоместокот ќе биде во поголема стабилност на нашиот регион. Тоа е она што ќе го добиеме за возврат. Сакаме сосед што е стабилен политички но и во поглед на безбедноста. Грција има врвни вештини и знаења во поглед на авијацијата. Ние имаме способности, капацитет да ја поддржиме Северна Македонија во нејзините напори да гарантира стабилност и безбедност“, рече Ципрас.

 

Како што појасни тој Северна Македонија ќе добие од Грција помош преку обуки, но и техничка поддршка преку радарот во Солун, за да се зголеми безбедноста на летовите.

 

„Ова е важно затоа што спречува незаконски дела како и несреќи, гарантира безбедни комуникации како и транспорт на нашите граѓани. Јас патував со владиниот авион и секогаш забележувам дека пилотот отскршнува од патот за да го избегне воздушниот простор над ФИРОМ, тоа се случуваше порано. Таа ступидност ќе престане денес. Сега ќе можеме да застанеме и да кажеме здраво, па да отидеме побрзо до нашата дестинација“, посочи грчкиот премиер.

 

Македонскиот премиер, Зоран Заев, рече дека ваквата соработка е нормална затоа што Македонија нема своја авијација.

 

„Нашата земја нема авијација и покривање на нашето небо. Тоа значи дека некој од нашите соседи кои се членки на НАТО треба да го прави тоа. Веќе имаме соработка со Бугарија за тенкови и тренинзи, со Турција за едуцирање на нашите кадри од армијата, а со Грција  од сега имаме договор да го покрива нашето небо за да се обезбеди сигурност и стабилност. Тоа е добро за сите, за целиот регион, НАТО води грижа за тоа. Кога немате авијација посегнувате кон соседите“, рече Заев.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien