Рапидно се зголемува бројот на деца со аутизам во Македонија. Најповеќе оваа состојба е нагласена кај машките деца. Според светската статистика едно на 34 машки деца има аутизам, а кај женската популација тоа е едно на 115 деца. Наташа Колеска од Прилеп е мајка на 13 годишно дете со аутизам. Вели дека иако не чувствува дека нејзиното дете е дискриминирано, сепак порачува дека треба да се зголеми свесноста за овие деца дека постојат.
„Да им подариме љубов, разбирање, да ги вклучиме во воспитно образовниот процес, посебно во редовната настава, тие чувствуваат исто како другите, сакаат да бидат сакани. Не чувствувам никаква дискриминација и се борам околу тоа, да нема никаква дискриминација како за моето дете така и за другите деца со аутизам или други пречки. Не го гледам како различен од другите, во некои полиња го гледам дури и понапред од другите, тоа го забележуваат и самите наставници. Пресреќна сум што учи во една ваква убава средина каде што е прифатен, сакан и ова училиште за него е еден вид на терапија“, истакна Наташа Колеска, мајка на дете со аутизам.
Денеска со пуштање на балони со сина боја на градскиот плоштад и правење сложувалки учениците од ООУ „Климент Охридски“ во Прилеп го одбележаа Светскиот ден за поддршка на лицата со аутизам. За жал се уште не се знае причината поради која настанува аутизмот и зошто тој се зголемува.
„Дали се низа генетски фактори, низа фактори од околината, се уште не се знае и таа непознатост ни дава за право да ги организираме овие кампањи и да ја подигнеме свеста за некој различен од нас, да ја приифатиме различноста без разлика која и да е. Постојат антивакцинални кампањи. Лично јас не сум дека вакцината го предизвикува аутизмот, но правото на родител е право на родител да избере за своето дете. Сепак генетската предиспозиција ии основа ни дава право да се сомневаме за големиот број на аутизам“, вели Светлана Миоковиќ Томеска, дефектолог.
Учениците од ова училиште на посебно платно залепија и пораки во форма на балони и рачиња со кои порачаа дека сите сме исти и дека силно ги поддржуваат своите другарчиња сдо аутизам.
„Ние нашите другарчиња ги поддржуваме како сите други. На светло сини листови во форма на рака пишувавме порака. Мојата порака беше „Сите заедно сме посилни“, вели Ангела Петреска, ученик во ООУ „Климент Охридски“.
Инаку во состав на ООУ „Климент Охридски“ има посебни паралелки кои ги посетуваат деца со посебни потреби меѓу кои и оние со аутизам. Но дел од децата со аутизам се вклучени и во редовната настава на ООУ „Климент Охридски“.
„ООУ „Климент Охридски“ е воспитно образовна установа каде покрај редовната настава се реализира и настава за деца со посебни образовни потреби. Денес е Светскиот ден на децата си аутизам и нашето училиште како воспитно образовна установа покрај редовната има и настава како што кажав за деца со посебни образовни потреби, во кои се вклучени и деца со аутизам. Во посебните паралелки има специјализирана просторија за децата со аутизам. Правиме масимални напори за да тие деца се чувствуваат слободни во установа каде може да се стекнат со потребните знаења кои понатаму ќе им користат во животот“, изјави Зоран Сребреноски, директор на ООУ „Климент Охридски“.
Како поддршка на лицата со аутизам и нивна поголема иинклузија во општеството Градскиот саат во Прилеп ќе биде осветлен во сина боја во наредните 5 дена.