ВИДЕО – Мицкоски : Заев и Пендаровски знаат дека губат, нервозни се, се закануваат, уценуваат и ги користат безмилосно државните ресурси

Она што можам да кажам е дека се чувствува победничка атмосфера во Република Македонија, насекаде ја чувствуваме енергијата кај нашите граѓани дека иден претседател на Република Македонија е професорката Гордана Силјановска Дафкова и ќе му оставиме можност на претседателот на владата, господинот Заев еднаш да си го одржи зборот и да распише предвремени парламентарни избори. Ова денеска го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на средбата на Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ во манастирот Свети Димитрија во селото Селце кај Прилеп.

 

 

„Вчера бевме сведоци на еден нервозен риалити стенд-ап настап на претседателот на владата господинот Заев, бидејќи и тој е свесен дека ситуацијата не е онаа иста како што беше пред 2-3 години кога успеваше на помалку комичен начин со своите лаги да разговара со граѓаните на Република Македонија. Но годините потоа граѓаните во Република Македонија видоа со каков човек имаа работа, дека станува збор за човек кој освен распродажба на националното достоинство, националната чест, се служи многу со лаги и манипулации и тоа е насекаде очигледно. Ја пропушти можноста во Битола да се извини за сите оние неправди кои што СДСМ во минатото, во времето на транзицијата им ги приреди на битолчани. Се надевам дека во деновите кои што следат ќе успее да собере малку храброст и доблест и да им се извини на граѓаните на Република Македонија за сите оние лаги и неправди кои што им се случија изминативе две години“, истакна Мицкоски.

 

Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ била народна партија и ќе продолжела да работи за интересот на народот.

 

„Ќе дадеме се од себе да на следните парламентарни избори ја подготвиме најобемната програма, програмата која што ќе понуди најголем број решенија за реалните проблеми на нашите граѓани. Но најпрво, ајде заедно со најголемата коалиција во Република Македонија, а тоа е коалицијата со народот, да победиме на 21 април и на 5 мај, па дури потоа ќе му ја мислиме како и кога ќе бидат предвремените парламентарни избори. Долгата приказна накратко, Зоран Заев е нервозен, Зоран Заев и неговиот деспотски избран кандидат знаат дека ја немаат довербата кај граѓани, се заканува, уценува, притиска и ги користи безмилосно државните ресурси, но и сето тоа му е попусто, сите нив на купче, народот заедно со опозицијата ќе ги порази на 21 април, а потоа тоа ќе го потврдиме и на 5 мај“, додаде Мицкоски.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien