Ниските плати една од причините што невработените одбиваат работа од АВРМ

Facebook
Twitter
Email
Print

Ниските плати кои се недоволни за да ги исполнат потребите и очекувањата на граѓаните се една од главните причини поради кои невработените ги одбиваат работните места понудени преку Агенцијата за вработување.

 

Моментално евидентирани како невработени се преку 190.000 лица, од кои половината се пасивни баратели на работно место, односно се пријавуваат во Агенцијата само само еднаш на 6 месеци.

 

Од другата половина, поголемиот дел не се пријавуваат на интервјуа за вработување, а и оние малку кои одговораат на поканите, сепак по извршеното интервју не ја прифаќаат понудата. Според директорката на агенцијата, причини се работното место, смените како и платите кои им се нудат.

 

“Условно се соочуваме со проблем кога еден работодавач бара работна сила. Има ситуации кога од поканетите невработени, 70 проценти не доаѓаат на интервју, бидејќи тоа не е задолжително. Од 30 проценти кои ќе дојдат на интервју, половина од нив одат на интервју кај работодавачот, но најчесто ја одбиваат понудата за работа. Причините за тоа се најразлични, односно не им одговара местото, платата, смената”, изјави на прес-конференција Билјана Јовановска, директорка на Агенцијата за вработување.

 

Според Јовановска, во голем број од случаите работодавачот веќе го има пронајдено лицето кое ќе го вработи пред да го пушти огласот, што во голема мера ја нарушувало довербата на невработените кон самата институција. Поради тоа, директорката на Агенцијата за вработување упати апел за поголема искреност и до невработените и до работодавачите, односно невработените лица да бидат искрени дали навистина сакаат Агенцијата да посредува за нивно вработување, и дали работодавачите навистина имаат потреба од работна сила, со цел институцијата да ги зајакне капацитетите и да се посвети максимално на посредувањето при вработувањето.

 

Според податоците кои ги објави директорката произлегува дека решението може да се бара во оперативните планови за вработување, поддржани од Владата. Според директорката Јовановска,  Оперативниот план 95 проценти реализација имал за 2018 година кој опфати околу 6.500 лица. 53 проценти од нив биле млади лица до 29 години. За таа причина за реализација на оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2019 година планирани се 1,1 милијарда денари и би се опфатиле најмалку 8.500 лица.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи