За прв пат во Прилеп се одржа планинската трка насловена како „Козјак Вертикал“, долга 3,7 км, со висинско искачување од 1.050. метри. Искачувањето беше од југоисточната страна на планината, бидејќи другиот дел веќе е опфатен со планинската трка „Karli Marko Trails“. Организатор е здружението за атлетски и планински спортови „Единак“ од Прилеп, а идејата била на Александар Стојкоски. Инаку станува збор за доста тешка трка, каменест и суров предел. Инаку ова е и прво државно првенство во вертикално трчање трета трка од ваков вид во Македонија, после Церипашина планина над Тетово и Чупино вертикал кај Виница. На трката учествуваа 50-тина натпреварувачи.
„Станува збор за трка од кратка дистанца, 3.7 километри, меѓутоа бидејќи се движи под самиот срт на планината под Козјак, со позитивна искачувачка денивелација од 1.050 метри, станува збор за интензивна трка со прилично каменест терен, претежно стрмен по целата должина на патеката. Прилично напорна трка, што значи нема да станува збор само за трчање, туку комбинација од трчање и брзо одење. Идејата беше да направиме некој вертикал од оваа страна на Козјак, бидејќи од другата страна во рамки на Крали Марко Треилс тој сегмент од Козјак е веќе опфатен. Ние сакавме малку да го популаризираме овој дел“, истакна Александар Војнески – Еленин, организатор на трката.
„Навистина е напорна и стрмна оваа вертикала. Се очекува да има некаде околу 40-тина натпреварувачи. Патеката е долга 3.7 километри со 1.050 метри висинско искачување. По мое очекување, планирам првите да завршат некаде под 50 минути. Во Македонија има вертикали Трипашина, Чупино имаше организирано зимски и оваа, толку се. Атрактивни се заради стрмнината, нагибот на патеката и цело време што има искачување. Најбитно е да има во што помалку километри повеќе искачување, тоа ја прави атрактивна трката“, кажа Александар Стојкоски, организатор на трката.
Ова е трета планинска трка која се организира во Прилеп, после „Karli Marko Trails“ и „Momata Rock Trail“ и со неа овој регион станува се поатрактивен за развој и промоција на овој вид спорт.
„Релјефот во цела Македонија глобално е атрактивен за планински трки, бидејќи висината на планините е до кај 2.500 метри наморска висина, тоа е идеална висина за трчање на планина. Прилепскиот регион е навистина многу атрактивен, во него се организираше и првата трка воопшто од ваков карактер во Македонија, потоа втората Момата и третата оваа, која е државно првенство во планинско трчање, односно вертикално искачување. Тоа што оваа патека ја прави особено атрактивна е теренот, конфигурацијата на теренот, непристапноста на теренот. Тешка е, многу е тешка, брутална, како сакате наречете ја, камењаст терен, карпест терен, мора да се внимава на секој чекор, бидејќи овде се трча и не смееш да направиш ниту една грешка“, истакна Мери Мирческа, организатор на трката.
Планинското трчање станува се популарен спорт во Македонија и расте бројот на организирани трки, не само на планина туку расте бројот ии на организирани класични полумаратојни и маратони. Учесниците велат дека овие настани придонесуваат да се доживее природата од еден сосема поинаков агол.
„Козјак вертикал е една од неколкуте планински трки во Македонија, кои заземаат се поголем подем, што во вертикал формат, што во високи планини а подолги трки, или пак на пристапни ниски планини исто во различни формати по должина и висинско искачување и спуштање. Трендов во светот постои многу одамна, кај нас последниве години се побројни се ваквите трки, овие убави настани и сметам дека еден убав начин да се доживува природата од друг агол, затоа што постои трка која го искачува Козјак од една друга страна, ова е сега нова страна за сите нас. Верувам дека повеќето кои не се од околината на Прилеп никогаш не го искачувале Козјак од тука“, вели Марјан Бонев, учесник на трката.
„Чистиот воздух, луѓето што се ангажираат за подобра и чиста средина и нормално дружењето и позитивните работи се нештата кои не привлеквата тука. Имам пробано и на асфалт да трчам, но ова ми е полесно“, рече Викторија Николоска, учесник на трката.
„Можам да кажам слободно дека растеме тркачки, дали во однос на планинските, дали на градските трки. На наша радост, на рекреативците, бидејќи 90% од тркачите сме рекреативци, растат трките. Ова е мое еве 7 учество на трка, трета планинска, покрај екстра организираната Чупино Треил, исто вертикал беше, и таму се собравме една добра група од 50-тина луѓе како и денес. Имаше второ издание на Водно-Матка, екстра организација и ете тука се тркиве, во Прилеп лани исто имаше возобновување на полумаратонот што претходно беше ангажиран како поштенски, тие од претходните изданија ги памтат, имаше две добри изданија, значи растеме“, потенцираше Мијалчо Андоноски, учесник на трката.
Организаторите се надеваат дека оваа трка ќе стане и традиционална.