Антикорупциската комисија денеска го прифати приговорот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ против Агенцијата за финансиска поддршка која во изборен период исплатила 1.250.000 евра на повеќе од две илјади лозари, но не за субвенции и редовни исплати, туку за исплата на долг на приватни фирми, кои во меѓувреме заминаа во стечај.
Откупот се случил пред пет години, а според програмата на Платежната агенција за поддршка на земјоделството и руралниот развој, краен рок на исплата на парите било 7 февруари пред распишпувањето на изборите.
„Во овој период не е извршена исплатата, туку во април кога е предизборниот период. Нема докази кои ја оправдуваат неопходноста на исплатата во април. Приговорот се усвојува“, беше утврдено на денешната седница.
Антикорупционерите одлучија дека со исплатата е прекршен изброниот законик и законот за спречување на корупција и дека ќе иницираат постапка за утврдување одговорност пред надлежните органи.
Комисијата, на денешната седница посочи дека се разгледуваат четири приговори на опозициската партија.