Владата прави план со кој ќе ги мотивира административците сами да преминат во приватниот сектор. Премиерот Зоран Заев кажа дека се подготвуваат алатки со кои државата ќе ги финансира лицата коишто од јавната администрација по сопствена волја ќе одлучат да си заминат и на тој начин да придонесат за намалување на нејзиниот број.
Премиерот тврди дека јавната администрација во континуитет се намалува, а за две години бројот на административци е помал за околу 18 илјади, од 165 илјади кога станал премиер, на 148 илјади административци колку што се во моментов.
„Ние во иднина разработуваме планови да мотивираме граѓани од јавната администрација по сопствена волја и убедување да прифатат подобро платени и поперспективни работни места во приватниот сектор…“, изјави премиерот Заев.
Заев ваквиот план го темели на очекувањата дека и бизнисмените сега ќе почнат да нудат поголеми плати пред сè поради недостатокот на квалификуван кадар на пазарот на труд. Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски уште минатата година ја најави реформата во јавната администрација.
Планот е дел од јавната администрација да се предаде на бизнисот, но засега нема детали како тоа ќе се спроведе. Предвидено е да биде готова до крајот на годината.
Од друга страна компаниите со години алармираат на недостатокот на работници на пазарот на труд, што им создава големи загуби во работењето, но нагласуваат дека не им требаат правници и економисти кои всушност преовладуваат во јавната администрација.