Десетина претставници на 153-цата работници прогласени за технолошки вишок на прилепски „Еурокомпозит” остануваат на протест пред Владата, иако претставници на Владата и претседателот на УО на „Еурокомпозит 11 октомври“ АД Прилеп, Тони Петрески, остварија средба со претставници на синдикатот на вработените на кои им е престанат работниот однос во компанијата.
„Се согласуваме и очекуваме да се исполни најавата дека отпремнините за нас ќе се исплатат до петок или најдоцна в понеделник. Но, бараме конкретни рокови за исплатата на заостанатите плати и придонеси“, изјави претставникот на Иницијативниот одбор на работниците прогласени за технолошки вишок Пеце Вељаноски.
Еурокомпозитовци вчера истакнаа дека од Владата биле замолени за решение да почекаат до понеделник. Од Владата велат дека како прв чекор во надминување на проблемите со измени на Законот за обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, 153 лица од компанијата се згрижени и добиваат месечен надоместок.
Работниците од Еурокомпозит подолго време си ги бараат 18те заостанати плати, неисплатените придонеси за речиси 7 години, како и ветената отпремнина бидејќи дел од нив доброволно прифатија да се прогласат за технолошки вишок. Само вработените во комбинатот имаат побарувања од околу 5 милиони евра.