На Антарктикот откриена стапалка од диносаурус стара 200 милиони години

Научници во тек на експедиција на Антарктикот откриле фосилизирана стапалка од диносаурус стара околу 200 милиони години.

 

Откриената стапалка е со големина на рака, која ја оставило животно од групата архосаур, соопшти во средата германскиот Сојузен институт за геонаука и природни ресурси (BGR) од Хановер. За кој тип диносаурус точно станува збор, засега не е јасно.

 

Архосаурите (Archosauria) се главно фосилна група на организми која ги опфаќа редот Тhecodontia и подредот Pseudosuchia (помали влекачи), односно диносауруси, птеросауруси (летачки влекачи) и денешните крокодили.

 

Научниците ја откриле стапалката во јануари 2016 година во северниот дел на Викторија ленд, но нивното откритие неодамна беше објавено во научното списание „Полар рисрч“.

 

Коски од диносаурус веќе претходно беа откриени во јужниот дел на Викторија ленд, рече водачот на експедицијата од BGR, Андреас Лауфер, но во северните предели досега не било откриено ништо.

 

„Ова е нешто што не го очекувавме“, рече тој за откривањето на фосилизираниот отпечаток.

 

Покрај тоа, научниците откриле фосилизирани остатоци од шума околу 1.700 километри од Јужниот пол.

 

„Ова покажува дека Антарктикот пред 200 милиони години не бил леден континент како што е денес“, истакнал Лауфер.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи