Министерот за здравство, Венко Филипче, информираше дека од годинава во календарот за редовна имунизација ќе се вметнат уште две вакцини. Станува збор за вакцините против рота вирусот и против пнеумококни инфекции.
Првата доза од вакцината за рота вирусот се дава со лажичка, пред бебето да ја наполни 15-тата недела од животот, а двете ревакцини треба да се примат пред детето да наврши осум месеци. Заштитува од инфекции предизвикани од овој тип вируси, а кои најчесто предизвикуваат заболувања на органите за варење, проследени со тежок пролив и повраќање.
Пнеумококната вакцина се става со инјекција, а детето може да прими од една до четири дози, во зависност од тоа кога е почнат процесот на имунизација. Вакцината заштитува од појава на инфекции од бактеријата пнеумокока, која најчесто ги напаѓа белите дробови и мозочните обвивки.