Чиле ќе бара УНЕСКО да ги признае неговите мумии за најстари во светот

Многумина веруваат дека најстарите, најретките мумии потекнуваат од Египет, од иконската Долина на кралевите, но тоа е погрешно. Првите луѓе за кои се знае дека ги мумифицирале своите мртви го сториле тоа во најсувото место на Земјата – крајбрежните заливи на пустината Атакама во Чиле, пренесува „Спутник“.

 

Народот Чинчоро се населил во Чиле околу 7 000 п.н.е. и развил техника за мумификација во околу 5 000 п.н.е., приближно 2 000 години пред античките Египќани да почнат да ги мумифицираат своите фараони.

 

Припадниците на Чинчоро биле ловци собирачи од преткерамичкиот период, а иако се малку познати дури и во Чиле, земјата се надева дека апликацијата до УНЕСКО за статус во Светското културно наследство може конечно да ги доведе во центарот на вниманието.

 

Сместен во долината Азапа е археолошкиот музеј „Сан Мигел де Азапа“ во малото село Сан Мигел де Азапа. Оваа институција поседува мумифицирани остатоци од околу 300 припадници на Чичоро, иако само околу 10 отсто од нејзината колекција е изложена за јавност, бидејќи на музејот му недостигаат финансии и простор за соодветно да ја покаже целата колекција.

 

„Тоа е многу света колекција бидејќи повеќето предмети се поврзани со церемонијата на смртта”, објаснува кураторот и конзерватор Мариела Сантос.

 

Постојат пет различни стилови на мумификација кои се користеле во текот на околу 4 000 години иако Сантос вели дека најзастапени се црните и црвените мумии, кои биле обично полнети со стапови и со трска, украсени со перики и маскирани со глина на лицата.

 

Германски археолог Макс Уле, кој пред еден век ги открил мумиите во близина на плажата во Арика, им го дал името Чинчоро.

 

До неодамна Чилеанци не им придаваа голема вредност на богатствата по должина на нивната најсеверна граница, но ова веројатно ќе се промени додека Чиле ќе бара статус за локациите на Чинчоро. Предлогот треба да биде поднесен до УНЕСКО најрано во 2020 година.

 

Во периодот пред понудата локалната власт ги засили напорите за промовирање на археолошкиот туризам и охрабрувајќи ги локалните заедници да се гордеат со тоа што се чувари на погребните места на Чинчхоро.

 

Извор: Макфакс

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien