Одбележување на Националниот комеморативен ден на холокаустот

Facebook
Twitter
Email
Print

Со положување цвеќе пред споменикот на депортираните Евреи на платото пред Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, со палење шест меморијални свеќи во просториите на Центарот и со отворање на изложбата „Холокаустот низ призмата на детските очи“ денеска беше одбележан Јом Ашоа – Национален комеморативен ден на холокаустот.

 

Овој ден се одбележува во сеќавање на востанието на Евреите во Вашавското гето во 1943 година и на шесте милиони Евреи убиени во холокаустот. Шесте меморијални свеќи ги запали претседателот на Фондот на холокаустот на Евреите, Благоја Младеновски, а цвеќе пред споменикот положија претставници на Еврејската заедница, на Фондот на холокаусот на Евреите и на неколку амбасади.

 

Генералниот секретар на Еврејската заедница, Јана Ничота во обраќањето пред присутните рече дека им оддаваат почит на жртвите на холокаустот и ги потсетуваат новите генерации за лекциите што треба да се научат од минатото. Посочи дека денеска постои се поголема потреба од вклучување на едукација за холокаустот пред се во државното школство, но и преку неформалното образование.

 

Во рамки на одбележувањето отворена е и изложбата „Холокаустот низ призмата на детските очи“. Координаторот на проектот, Маја Суша на отворањето на изложбата рече дека од 100 ликовни творби во рамки на проектот, се изложени најдобрите 65 на деца од основни училишта во државава. Потенцира дека низ проектот „Холокаустот низ призмата на детските очи“ темата ја приближуваат кон голем број ученици односно кон околу 500 деца годишно и низ уметноста, литературата и филмот ја прават поблиска до нивните срца.

 

Додаде дека ја искажуваат својата почит кон 7.144 сограѓани Евреи, им се поклонуваат токму тука во поранешното Еврејско маало, докажуваат дека никогаш нема да ги заборават и ќе го негуваат нивниот спомен и дело. Изложбата ќе биде отворена до крајот на месецов.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи