Со своите 92 години Спиро Настовски Чакмак е еден од најстарите прилепчани. Видел и српско и бугарско. Живеел и во Титова Југославија, а денес во самостојна Македонија. Бил член на комунистичката партија и во 1943 поради тоа Бугарите го затвориле. Кога излегол од затвор заминал во партизани. Но во 1956 го исклучиле од партијата бидејќи одел по слави кај пријателите, а тоа според нив било дел од религијата. Од тогаш па се до денес вели дека не е член на ниту една партија, но сепак гласа на сите избори.
„На сите избори досега сум гласал и претседателски и парламентарни и локални“, вели Настовски.
30 години независна Македонија, им веруваш на партиите ?
„Не, не се озбилни, лопови, сега поготово лопови. Лопови вистински“, додава Настовски.
Ама пак гласаш ?
„Знаеш се надеваш на подобро“, одговара Настовски.
Ама ?
„Е ама се полошо е“, рече Настовски.
На првите избори на кои се сеќава биле оние во време на Кралството на СХС кога се гласало помеѓу Методија Андонов Ченто и србинот Василие Трбиќ. Но вели дека иако народот бил за Ченто, отсекогаш дел од граѓаните се поткупувале, па дури и за една ракија и гласале за Трбиќ.
„За една чашка ракија тогаш се продаваше еден глас“, истакнува Настовски.
Вели дека и во Југославија се гласало, не за партија туку за луѓе, но и тогаш имало местенки.
„Ќе заокружиш, ќе го пуштиш ливчето, а после што се правеше кој ќе тии каже“, вели Настовски.
Мислиш дека имало според тебе нечесни работи ?
„А сега се прават нечесни работи, што ти фаќа умот, а ?“, праша Настовски.
Вели дека сега иако гласа за жал во државава било се полошо и полошо за живот.
„Ја упропастивме државата од крадење. Ја упропативме. Ги упропастивме децата, челадта свои ги упропастивме“, потенцира Настовски.
Мислиш ли дека ќе дојдат подобри времиња ?
„Ако дојдат подобри луѓе да ќе дојдат подобри времиња“, рече Настовски.
Чакмак не испратии, а ние му посакавме да го снимаме вака и за наредните претседателски избори.