НАСА се подготвува за „Богот на хаосот“

НАСА веќе се подготвува за доаѓањето на големиот астероид наречен „Бог на хаосот“, кој ќе помине покрај Земјата за 10 години. На 13 април 2029 година, луѓето што ќе гледаат кон небото ќе видат како поминува ситна светлосна дамка, која ќе станува сè посветла и побрза.

 

Ќе се движи толку брзо што ширината на месечината ќе ја премине за една минута и ќе биде светла како ѕвезда на небото. Научниците го нарекоа астероидот Апоп, според египетскиот бог на хаосот.

 

Светлосната дамка ќе биде огромен астероид со дијаметар од 340 метри, за чие следење додека поминува покрај Земјата НАСА уште од сега се подготвува. Американската вселенска агенција вели дека тој ќе помине доволно далеку за да биде безопасен, ќе биде оддалечен 30.000 километри, што одговара на растојанието на кое се движат некои вселенски летала.

 

„Исто така, тоа ќе биде доволно блиску за научниците да можат да добијат досега невиден увид во астероид: ќе можат да видат остри детали и да го набљудуваат астероидот на нови начини. Астероиди со олкава големина ретко поминуваат толку близу до Земјата. Научниците одблиску имаат видено помали астероиди, но нешто со олку колосална големина е реткост“, вели НАСА.

 

„Блискиот премин на Апоп во 2029 година ќе биде неверојатна можност за науката. Ќе го набљудуваме астероидот со оптички и радарски телескопи. Со радарското набљудување ќе можеме да ги видиме деталите на површината што се големи само неколку метри“, вели Марина Брозовиќ, радарска научничка од Лабораторијата за млазен погон на НАСА во Пасадена, Калифорнија.

 

Астероидот со голо око прво ќе биде видлив на ноќното небо на јужната полутопка додека се движи од источниот кон западниот брег на Австралија. Потоа ќе го помине Индиски Океан и ќе продолжи да се движи кон САД. Најблиску до Земјата ќе биде кога ќе поминува над Атлантски Океан. Ќе се движи брзо, преку Атлантикот ќе помине за помалку од еден час, а потоа ќе се изгуби во вселената.

 

Апоп прв пат го забележаа астрономите во Националната опсерваторија Кит Пик во јуни 2004 година. Наскоро откако го видоа, нивната понатамошна работа прекина поради технички и временски проблеми. Повторно, тој беше забележан од австралиските научници, кои пресметаа дека постојат 2,7 проценти шанси да ја погоди Земјата додека поминува во 2029 година. Оттогаш, астероидот беше внимателно набљудуван и можноста за судир е исклучена. По дополнителните пресметки, научниците денес веруваат дека можноста тој да удри во Земјата е 1 наспрема 100.000.

 

Научниците неделава се состанаа на Конференцијата за планетарна одбрана во Колеџ Парк, Мериленд, каде што разгледуваа фиктивни сценарија на судир со астероид и дискутираа за тоа како можат да ги набљудуваат астероидите и да им испраќаат истражувачки мисии.

 

„Апоп е претставник на околу 2.000 моментално познати потенцијално опасни астероиди. Со набљудување на поминувањето на Апоп во 2029 година ќе добиеме важни научни сознанија, кои еден ден може да се покажат корисни во одбраната на планетата“, вели Пол Чодас, директор на Центарот.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи