Во Прилеп денеска гласаат 299 болни и изнемоштени лица и 70 затвореници

Избирачките одбори во Прилеп од Општинската изборна комисија го подигнаа изборниот материјал и без проблеми тече гласањето на болните и изнемоштените лица и на затворениците. Во вториот круг од претседателските избори во Прилеп, денеска 299 болни и изнемоштени лица го остваруваат своето право на глас, што е за 113 повеќе од пред две недели.

 

Денеска гласаше и 86-годишната прилепчанка Спасија Темелкоска. Вели никогаш не пропуштила изборен циклус, но веќе вторпат гласа од постела поради болните. Спасија има прецизни очекувања од идниот претседател.

 

Секогаш сум излегувала на гласање, сум го остварувала своето право. Ама сега мора од дома, од постела. Нозете не ме држат. Ете, може и така. Моите очекувања од идниот претседател е да работи и да ги почитува законите, за тоа се тие донесени. Да се почитуваат, вели Спасија Темелкоска.

 

Денеска гласаат и 70 затвореници во прилепскиот затвор. Утре на 142 избирачки места во Прилеп своето избирачко право може да го остварат  63.941 граѓанин.

 

Во Крушево денеска своето изборно право го остваруваат 148 болни и четворица затвореници, а утре на 23 избирачки места ќе може да гласаат 7 920 граѓани.

 

Во Долнени гласаа 23 болни и изнемоштени лица, а утре, на вториот круг од претседателските избори ќе гласаат 11 506 лица на 40 избирачки места.

 

Во општина Кривогаштани  во избирачкиот список се запишани 4 678 жители со право на глас кои утре ќе гласаат на 13 избирачки места. Денеска своето право на глас го остваруваа 39 болни и изнемоштени и четворица затвореници.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи