Повторно искршена Спомен плочата кај Карпалак

Повторно искршена е Спомен плочата кај Карпалак, посветена на десеттемината бранители, кои на ѕверски начин од заседа беа убиени во конфликтот во 2001. Таа неколкупати е кршена откако беше поставена во 2004за последен пат во 2010 година.

 

„Спомен плочата по којзнае кој пат е оштетена, но ние, бранителите, ги уверуваме сторителите дека повторно ќе ја обновиме и ќе ја поставиме на истото место. Сакаме да им порачаме, а воедно и да ги разочараме оние кои го прават ова злодело дека ние нема да дозволиме тие да си играат со нашите чувства. Овие десетмина бранители го дадоа најсветото нешто за својата татковина и токму затоа треба и органите да вложат поголеми напори конечно да се пронајдат сторителите“, изјави Марин Најдов, претседател на Одборот на бранители.

 

На ова место, конвој на АРМ беше нападнат од заседа на 8 август 2001. Во најтесниот дел од патот кон Тетово, албанските терористи го ракетираа конвојот со рачни фрлачи. Еден проектил го погоди автобусот полн со војници. Благодарение на возачот Ацо Јовановски Реган, кој со невидени храброст и пожртвуваност успеа запалениот автобус да го извлече од заседата, беа спасени животите на останатите бранители. Во нападот загинаа десетмина бранители од Прилеп.

 

Секоја година на 8 август, преживеаните бранители апелираат на ова место да се постави подостоинствен споменик, место една обична мермерна плоча, закачена на банкината од патот. Иако досега сите влади ветуваа дека ќе се изгради едно достоинствено обележје, тоа досега никој не го направи.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien