Денес во Домот на културата „Наум Наумовски Борче“ во Крушево се одржа манифестацијата за одбележување на Денот на Власите 23-ти мај.
По повод празникот учениците од ООУ „Никола Карев“ Крушево подготвија програма со влашко оро, пеење и рецитирање на влашки песни, кратки драмски претстави и слично. На почетокот на настанот се обрати претседателот на советот на општина Крушево Тома Петроски кој порача дека 23 мај е важен ден не само за влашката заедница туку и за сите останати кои живеаат во општина Крушево.
„Утрешниот ден има посебно значење, не само за припадниците на влашката заедница, туку и за сите останати националности како симбол на соживот и заедничкото живеење во нашата држава. Ние, како крушевчани треба да бидеме посебно горди на овој ден бидејќи споменувањето на Крушево претставува синоним за влашката култура, традиција и обичаи“, рече претседателот Тома Петроски.
И директорката на „Никола Карев“ Оливера Чавкароска ја истакна важноста на овој ден во соживтот и меѓусебната толеранција, а потенцира дека како училиште учествуваат во многу проекти за меѓуетничка интеграција.
„Училиштето на кое јас сум директорка опфаќа ученици од повеќе националности и сме редок пример како Македонци, Албанци, Власи и други функционираат заедничи, сложно со демонстрација на високо на толеранција. Активно учествуваме во Проектот за меѓуетничка интеграција на Министерството за образование, културните манифестации ги опфаќаат сите наставни јазици и оставаме простор за претставување на сите различности. Сето ова е со една цел – да ги научиме нашите ученици, вашите деца на разбирање, толеранција и запознавање на различниот од нас.“ порача директорката Чавкароска
Професорот по влашки јазик Ставре Шоке обраќајќи се на влашки јазик го честита овој голем ден за Власите од Крушево и пошироко.