Промовирани два национални документа за заштита на природата

По повод 22 мај – Светскиот ден на биолошка разновидност, денеска во Скопје беа промовирани двата најзначајни национални документа од областа на заштита на природата, Националната стратегија за заштита на природата и Национална стретагија за биолошка разновидност.

 

Настанот е во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Програмата на ООН за животна средина, германско друштво за меѓународна соработка ГИЗ, Програма за зачувување на природата и Швајцарската агенција за развој и соработка.

 

Министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки, изјави дека со имплементација на активностите на двете стратегии ќе се унапреди спроведувањето на националната легислатива за заштита на природата, имплементацијата на ЕУ директивите за живеалишта и птици, и поефикасно ќе се имплементираат одредбите од меѓународните конвенции и договори од областа на заштита на природата.

 

„Нашата држава ја ратификуваше Конвенцијата за биолошка разновидност во 1997 година, потоа се пристапи кон подготовки за изработка на првата студија за биолошка разновидност во 2003 година, и една година подоцна беше изработена стратегијата и акциониот план за заштита на биолошката разновидност. Тоа беа основни документи што на некој начин ја легитимираа и дадоа лична карта на биолошката разновидност во нашата држава. Изработени се уште пет национални извештаи, а во моментов ја промовираме втората стратегија за заштита на билошката разновидност за период од 2018-2023 година“, рече Владо Митевски, раководител на еспертскиот тим за изработка на националната стратегија за биолошка разновидност.

 

Митевски додаде дека како основа за изработка на ова стратегија послужила глобалната стратегија донесена во Јапонија во 2010 година, каде биле оформени главните стратешки глобални цели и во рамките на нив биле определени дваесет национални цели што треба секоја држава членка на конценцијата за биолошка разновидност да ги прилагоди на сопствените.

 

Благоја Маткоски, координатор на еспертскиот тим за изработка на националната стратегија за биолошка разновидност рече дека првата национална стратегија е за периодот 2017-2027 година, и главно ги опфаќа сите аспекти на заштита на природата, како од аспект на геодиверзитетот, така од аспект на биодиверзитетот.

 

„Стретегијата претставува фундамент во кој се опфатени аспектите на општи географски карактеристики на државата, аспектите на геологијата и геолошко наследство што кај нас е многу разновидно и богато, ги опфаќа аспектите на геоморфолошки вредности што ги имаме во државата низ различни релјефни објекти, потоа во рамки на ова стратегија се опфатени водите, со сите нивни карактеристики и карактеристични објекти вредни за заштита, опфатена е биолошката разновидност, и се разработени од одреден аспект и од сфера на географско-информациски системи, каде што сите идентификувани објекти се картографски евидентирани и електронски организирани во посебна база на податоци“, рече Маткоски.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien