Вчера во Крушево се одржаа 25-тите Регионални пензионерски спортски игри со учесници од целиот Пелагониски регион во повеќе спортови.
Натпреварите се одвиваа на две локации – во хотел Монтана Палас се играше домино, шах, пикадо, и на спортскиот комплекс „Гумење“ – стрелаштво, трчање, фрлање ѓуле, скок од место, шутирање пенали, влечење на јаже и др.
Градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски порача дека во Крушево се организираат настани кои адресираат и помлада и повозрасна публика.
„Крушево уште еднаш е местото каде што се одржуваат настани кои ја адресираат и помладата и повозрасната публиката и со тоа Општина Крушево има една целосна понуда за сите возрасти на посетители и тоа е една од причините што бројот на туристи во Крушево постојано се зголемува. Драго ми е што ве гледам тука затоа што во вас гледам енергија која движи напред. Со практикувањето на спортот вие давате пример за помладите, за наши и ваши деца и внуци“, рече градоначалникот Христоски пред присутните.