ВИДЕО – Утре започнува ракометниот спектакл во Прилеп – меморијалниот турнир „Таста-Лара“ за ветерани/ки

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

Утре со почеток во 14 часот на ракометното игралиште во хотелот „Сонце ГА“ во Прилеп започнува првиот меморијален ракометен турнир „Таста-Лара“ за ветерани/ки, а кој се одржува во чест на двете наши големи ракометни легенди, Петар Кузманоски – Таста и Влатко Коруноски – Лара, кои починаа минатата година. Првите натпревари ќе се одржат еден час пред официјалното отворање, односно во 13 часот. Организатор е ЗС Млади ракометни ветерани.

 

 

„Ние како здружение на млади ракометни ветерани сакавме да го пренесеме нашето знаење и познавање од овој тип на турнири кои се непознати за прилепската, па и за македонската јавност. Овие турнири се одржуваат најчесто со време траење од по 3 или 4 денови. Имаме присуствувано на вакви турнири во неколу држави на Балканот, како на турнирот во Тузла, Словенија, Хрватска, Србија, така што сакавме да го пренесеме нашето знаење за одржувањето на ваков вид на турнири, а сето тоа го правиме  во чест на нашите спортски великани Петар Кузманоски – Таста и Влатко Коруноски – Лара. Се надеваме дека овој прв ваков меморијален турнир во иднина ќе прерасне и во традиционален“, истакна Рубин Лашкоски, организатор на турнирот.

 

На турнирот ќе играат 13 екипи, од кои 8 се машки и 5 женски, а ќе има гости и од соседните држави. Целта на манифестацијата пред се била да се помогне во популаризирањето на ракометот кај младите генерации.

 

„Машкиот дел од турнирот е поделен во 2 групи, каде ќе играат екипите од Урошевац – Кастриоти, екипа од Куч, тука е Борец од Велес, нашите млади ветерани од Прилеп, екипата од Пелистер, старата репрезентација на Македонија каде учествуваат Пепи Манасков, Кимевски и други. А тука е и младата репрезентација на Македонија каде учествуваат Ванчо Димоски, Мојсоски, Алушевски, Јовиќ, Шундовски, тренерот од „Пролет“ Икиќ. Да не ги заборавиме и женските екипи каде имаме екипа од Војводина, Богданци, Гевгелија, Демир Хисар и нашата екипа од ракометниот клуб Тутунски Прилеп“, додаде Лашкоски.

 

Петар Кузманоски – Таста и Влатко Коруноски – Лара се двајцата тренери со кои некогашната женска екипа на Тутунски комбинат Прилеп ги имаше своите најголеми успеси, токму затоа во овој турнир активно се вклучуваат и ветеранките.

 

„Девојките од некогашниот Тутунски комбинат се на еден начин и носители на овој турнир бидејќи и двата тренери и Таста и Лара беа наши тренери со кои го постигнавме нашиот најголем некогашен успех, влез во втората ЈУ лига. Тоа е и најголемата причина поради која присуствуваме на овој турнир, со единствена цел да им оддадеме почит на нашите двајца тренери. Сите девојки се собираме на овој турнир, само 2 нема да бидат присутни поради тоа што не се во Македонија. Сите 16 кои ја освоија титулата прваци на Македонија и кои играа во некошната втора ЈУ лига, сите девојки ќе бидат присутни на терен. Навистина ми е драго што и другите ветеранки од Македонија ќе присуствуваат и ќе дадат свој придонес на турнирот“, исткана Елизабета Филипоска, организатор на настанот.

 

„Екипата на ветеранките жени се подготвуваше подолг период за овој турнир за да нема повреди и слично. Се дружиме помеѓу себе одлично и ги поканувам сите љубители на ракометот да дојдат да не поддржат и посакувам да имаме добро време“, рече Снежана Силјаноска, организатор на настанот.

 

Организацијата на турнирот е поддржана од прилепскиот бизнис сектор и Агенцијата за млади и спорт.

 

„За да се организира еден ваков турнир мора нормално да имаме и поддршка од бизнис секторот. Како генерални спонзори на оваа манифестација се Прилепска пиварница, Витаминка и Агенција за млади и спорт, без чија поддршка ова сето немаше да се организира. Голема благодарност и до сите оние помали спонзори кои помогнаа за овој настан. Се надеваме дека од идната година со повеќе средства од бизнис секторот, со помош од локалната самоуправа, овој турнир ќе стане уште повеќе атрактивен и се надеваме дека на овој турнир од в година ќе учествуваат и позвучни имиња“, потенциираше Рубинчо Седлоски, организатор на настанот.

 

Организаторите ги повикуваат сите љубители на ракометот да присуствуваат на натпреварите во петок и сабота. Влезот на терените е бесплатен.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Липо ласер и спа капсула за прв пат во Прилеп

Play Video

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи