Апелацискиот суд Скопје го укина притворот на избеганиот екс-премиер Никола Груевски за случајот „ТНТ“, а обвинителот Бурим Рустеми од Специјалното јавно обвинителство (СЈО) побара повторно Кривичниот суд да му одреди притвор поради опасност од бегство во иднина, иако Груевски од Македонија избега уште на 11 ноември минатата година и е во Унгарија, каде доби азил.
„Повторно бараме на Груевски да му биде одреден притвор, според член 165, став 1, точка 1, од Законот за кривична постапка, бидејќи тој веќе еднаш избега, па постои ризик тоа да го направи и во иднина“, рече обвинителот Рустеми.
Предметот „ТНТ“ сè уште се наоѓа во доказна постапка и на денешното рочиште беше планирано да се испрашуваат сведоци од одбраната.
Покрај Груевски, обвинети во случајот за уривањето на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски се поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски, и уште 4 други лица.
Според обвинението на СЈО, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фиат Цаноски.