Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза и Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија денеска на плоштадот „Македонија“ ќе го одбележат Светскиот ден на мултипла склероза, каде членовите на Здружението ќе промовираат кампања за подигање на јавната свест за мултипла склероза, за невидливите симптоми на оваа болест, кои имаат големо влијание во секојдневниот живот на лицата заболени од неа.
Мотото на годинашното одбележување на Светскиот ден е „Мојата невидлива МС”. Целта, како што наведуваат од Здружението за поддршка на лицата со мултипла склероза, е да ја подигнат свеста за невидливите симптоми на МС и нивното негативно влијание врз квалитетот на живот на лицата кои се соочуваат со оваа болест.
„Кампањата ќе ги поттикне сите погодени од МС да ги споделат нивните невидливи МС симптоми и да пренесат што би сакале другите да знаат и разберат за „болеста со 1.000 лица”, сé со цел да ги предизвикаат општите заблуди и да им помогнат на луѓето да размислат како да им понудат соодветна поддршка. На тој начин општата јавност ќе се запознае со големиот број на исцрпувачки симптоми со кои секојдневно се соочуваат лицата со МС, а општата јавност не ги гледа“, соопштуваат од Здружението.
Од Здружението информираат дека во чест на одбележувањето на Светскиот ден, во вечерните часови во портокалова боја ќе бидат осветлени и објектите на Владата на Република Северна Македонија и Археолошкиот музеј во Скопје.