Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека знае кои лица би ги поставил на местата кои ќе бидат испразнети по најавената „метла “ во Владата и други државни институции, и дека веќе разговара со некои од нив. Очекува првите промени да се случат најдоцна до средината на јуни.
„Веќе разговарам со луѓе, особено нови луѓе кои треба да дојдат на позиции кои ќе бидат променети и испразнети. Разговорите течат. Секое слободно време го користам за да разговарам со тие луѓе за да можам да потврдам дека се нафаќаат и прифаќаат да ја работат таа работа, така што верувам дека ќе стигнам не подоцна од крајот на првата половина на јуни“, рече Заев.
Тој истакна и дека партнерските односи со ДУИ се стабилни, довербата меѓу него и лидерот на партијата Али Ахмети е голема. Според него, свесни се оти имаат одредени слаби кадри во нивните редови и затоа и зборуваат за промените и тие се случуваат.